Ако деведесеттите години од минатиот век, меѓу другото, ќе ги паметиме и по високата стапка на измами преку продажба на производи преку таканаречени тет-а-тет презентации, очигледно и третата деценија од новиот милениум ќе ја паметиме по истото, но со малку пософистициран пристап.
Впрочем, принципот е ист, различни се нијансите. Односно, измамниците обично се брблести мажи и жени од 30 до 40 години, добро скоцкани, нашминкани, исчешлани, а жртвите најчесто се баби и дедовци, пензионери, кои лесно бидуваат измамени.
На социјалните мрежи се појави статус преку кој се вели дека измамници излажале 80-годишна баба од Кочани на која ѝ продале правосмукалка од познат бренд за цели 20.000 денари, а всушност правосмукалката била пазарска и нејзината реална цена е околу 1.500 денари.
„На баба ми ѝ продале правосмукалка за 20.000 денари оти ја прелажале дека е од познат бренд и дека многу лесно ги вади флеките. Дури ѝ одржале кратка презентација во дворот за да ја уверат дека тоа што го продаваат вреди за парите. А баба ми, наивна женичка која цел живот го поминала работејќи во фабрики во Германија, им поверувала и ја купила правосмукалката. Тие дури ѝ оставиле и демек-гаранција и демек-документи, а всушност на ливчињата не пишува баш ништо и нема никакви податоци. Знаат лоповите каде да тропнат, најверојатно разбрале дека жената живее сама и дека добива странска пензија. Во ниту една од околните комшиски куќи не тропнале. Како и да е, советувам да бидете внимателни и да им зборувате на вашите повозрасни родители, баби и дедовци да не потпаѓаат на вакви лаги“, наведено е во објавата.
За жал, ова не е единствениот случај на измама. Ова е само една од низата измами кои се развиени на сметка на пензионерите.
Измамниците често нудат и тенџериња, масажери, ќебиња, магнетни простирки, а ги убедуваат пензионерите дека токму овие производи ќе им ги решат здравствените проблеми или ќе им го олеснат секојдневието.
Некои дури и го менуваат методот на работа, па презентацијата ја прават во ресторани и во кафулиња.
Ги собираат пензионерите во група, ги честат кафе, чај или сокче, а неретко ги честат и ручек, а тактиката е по завршувањето на презентацијата, потенцијалните жртви да се најдат во незгодна ситуација и да не можат да го одбијат производот што им се нуди.