Охрид најатрактивна и најпродавана еднодневна екскурзија за странските гости кои летуваат во Албанија. Туристите од Литванија, Полска, Чешка и Латвија, со неколку автобуси дневно го посетуваат градот под заштита на УНЕСКО. Најмногу се воодушевени од природата, прошетките по Охридското езеро и бројните културно-историски споменици...
Трета година по ред Охрид е најпродавана еднодневна екскурзија во соседна Албанија. Се смета за најатрактивна дестинација за бројните странски гости кои летуваат на Јадранското и Јонското море. Туристите од Литванија, Полска, Чешка и Латвија со неколку автобуси дневно го посетуваат градот под заштита на УНЕСКО.
Најмногу се воодушевени од природата, прошетките по Охридското езеро и бројните културно-историски споменици.
„Секоја недела доаѓаме со полни автобуси туристи од Литванија. Им се допаѓа историјата, се запознаваат со културата. Забележуваат разлика помеѓу Албанија и Македонија. За нив е голема шанса да ги посетат двете земји“, вели Мартина Овсианикова, туристички водич од Литванија.
Традиционалната македонска храна и вино, но и прошетките во Националниот парк Галичица се причина плус за големата заинтересираност на странските гости за земјава.
„Најмногу им се допаѓа Охридското Езеро, кое е навистина многу чисто. Понатаму Заливот на коските и историјата како што е „Свети Наум“, но и самиот град со многубројните цркви, особено „Свети Јован Канео“ најсликаната црква“, вели Грегор Сојка, туристички водич од Полска.
Двата туристички центри на брегот на Охридското Езеро, Охрид и Струга, оваа сезона бележат голема исполнетост. Туристичките работници очекуваат да се надминат рекордните бројки на ноќевања од 2019-та година.
Извор: mrt.com.mk