Најбрзорастечката светска економија би можела да порасне за повеќе од 100% до 2028-ма година, во голема мера благодарение на добивките во производството и извозот на нафта, се вели во новиот извештај цитиран од „CNBC“.
Економијата на Гвајана, јужноамериканска земја со население од околу 800.000 луѓе, се очекува да порасне за 38% до крајот на годината, според најновите прогнози за БДП-то на Меѓународниот монетарен фонд, со „исклучително брзо“ темпо.
И ММФ не е сам во својот оптимизам.
„BMI“, истражувачката група на „Fitch Solutions“, исто така верува дека „Гвајана ќе забележи експлозивен раст оваа година“, изјави за медиумите Ендрју Трахан, шеф за суверен ризик во Латинска Америка.
Тој очекува реалниот БДП-то на Гвајана да порасне за околу 115% во следните пет години.
„Точната големина на зголемувањето зависи од тоа колку брзо дополнителното производство на нафта ќе се стави на линија“, додаде тој.
„BMI“ проценува дека производството на нафта во Гвајана ќе скокне од околу 390.000 барели дневно оваа година на над еден милион барели дневно до 2027-ма година, бидејќи новите морски полиња во блокот Стабрук во земјата се експлоатираат од конзорциум предводен од „ExxonMobil“.
Блокот Стабрук во Гвајана е нафтен резервоар од 6,6 милиони хектари крај брегот на Атлантскиот Океан на земјата, и според „ExxonMobil“, има 11 милијарди барели нафта.
„Силниот раст на Гвајана се должи и ќе продолжи да се должи на брзото проширување на производството на нафта по серијата откритија во последниве години“, рече Трахан, додавајќи дека поголемото производство на оваа стока ќе го зголеми нето-извозот на Гвајана.
Во 2022-ра година земјата бележи раст на БДП-то од 62,3%, што според ММФ е највисок во светот.
Покрај зголемувањето на производството на нафта со пуштањето во употреба на трето нафтено поле, растот во ненафтениот сектор во Гвајана е поттикнат и од инвестициите во транспортот, домувањето и подобрувањето на човечкиот капитал. Извештајот на ММФ нагласува дека секторите за земјоделство, рударство и вадење камен во Гвајана исто така имаат добри резултати.
Трахан предвидува дека земјата повторно ќе биде најбрзорастечката економија во светот во 2023-та година и очекува таа да ја задржи титулата најмалку во следните две години.
„Гледаме дека овој силен раст продолжува во наредните години бидејќи производството на нафта продолжува да се зголемува и реалниот БДП ќе порасне за околу 115% помеѓу 2022-ра и 2028-ма година“, вели тој.
Се очекува посилниот извоз на енергетски производи од Гвајана да ја поттикне траекторијата на раст на земјата, како и дополнителните придобивки од силните инвестиции, новите можности за вработување и зголемениот владин приход.
Ризици
Сепак, на оптимистичката прогноза не и недостасуваат ризици. Гвајана брзо се трансформира од една од најсиромашните карипски нации во економија која „доживее извонреден раст“, изјави за „CNBC“ Валери Марсел, соработник во тинк-тенкот „Chatham House“.
Според неа, позитивната траекторија на раст ќе продолжи, но тоа зависи и од политичката стабилност во земјата и високите цени на нафтата.
„Со текот на времето, цените на нафтата ќе бидат прилично нестабилни и на крајот ќе останат ниски. Затоа е исклучително важно за Гвајана да ја диверзифицира својата економија“, истакнува Марсел.
Како и секоја земја зависна од приходите од нафта, Гвајана се соочува со ризици – најмногу поврзани со корупцијата и „холандската болест“ – економски термин кој се однесува на негативните последици што произлегуваат од брзиот развој што произлегува од новооткриените ресурси, кои парадоксално ѝ штетат на пошироката економија.
„BMI“ гледа сериозни политички ризици.
„Гвајана е земја со историја на длабоки поделби меѓу нејзините индо-гвајски и афро-гвајски популации и се бори со високо ниво на корупција и организиран криминал“, вели Трахан. Тој вели дека приливот на профит од нафтата може да ја продлабочи таа поделба.
Извор: denar.mk