Илјадници пријави до бројот 191 откако Пазарниот инспекторат побара помош од граѓаните за откривање на манипулаторите со цените на прехранбените производи кои се замрзнати откако претходно беа намалени за 10%. Но, досега само 15 маркети се затворени и казнети од 2-10 илјади евра. И покрај сè граѓаните велат дека не се доволни само рестриктивните мерки бидејќи со нив не се решава проблемот со поскапувањето на сите артикли. Тие го оптоваруваат семејниот буџет иако од власта тврдат дека може да се заштедат 2.500 денари за храна и пијалоци.
„Скапо е затоа што сум пензионер, земам само 14 илјади денари пензија, скапо е. Воопшто ништо не е променето“…
„Не знам што ќе се прави, но зависи на народот какви му се условите. Некои можат да си дозволат, некои не можат. Зборувам за сите, на пример за мене, цените се прескапи“, велат граѓаните.
Од стапувањето во сила на мерката за замрзнување на цените, Пазарниот инспекторат (ДПИ) извршил повеќе од 550 контроли на целата територија на Македонија. Констатирани се неправилности за кои се изречени 32 казни од над 6.330.000 денари.
„Сите стопански субјекти имаат можност да ги платат платните налози или да го остварат своето право доколку имаат жалба во судскиот процес. На судските рочишта ќе се појават инспекторите кои констатирале прекршоци кај стопанските субјекти кои ќе ги застапуваат и бранат законите според кои ги констатирале прекршувањата“, наведуваат од ДПИ.
Izvor. alsatM