На огласниците и на социланите мрежи сѐ почесто се бараат жени за пеглање облека на кои им се нуди дневница од 1.000 до 1.200 денари.
Една скопјанка напиша на социјалните мрежи дека бара жена која два до три пати во неделата ќе доаѓа во нејзиниот дом и ќе ја пегла облеката- пишува ДЕНАР:МК
„Барам жена само за пеглање облека за четиричлено семејство. Ангажманот би се одвивал два до три пати неделно, по договор. Живееме во Центар спроти Соборниот храм. Вашата обврска е само пеглање облека: детска облека, машки и женски кошули, фустани, а дневно тоа би ви одземало околу 3-4 часа. Ова важи само за сериозни лица, а за повеќе информации јавете ми се на телефонскиот број“, гласи еден од огласите.
Овој оглас предизвика бројни реакции на интернет, а многумина го осудија како сексистички и експлоататорски.
Некои граѓани истакнаа дека пеглањето е домашна работа која треба да ја извршуваат сите членови на семејството, а не да ја пренесуваат на други жени за мизерна плата.
Други, пак, не гледаат ништо спорно во тоа што скопјанката бара помош за нејзините потреби, но исто така апелираат на подобро вреднување на трудот на жените кои се занимаваат со пеглање.
Денар разговараше со жена од Бардовци која веќе неколку години работи како куќна помошничка, а како што вели, дневницата од 20 евра за пеглање облека е прилично висока ако се земе предвид дека таа добива 1.500 денари за 8-часовна работа, вклучувајќи чистење, пеглање, готвење…