Цигарите, пурите, несогорливите тутунски производи и течноста за електронски цигари поскапуваат од петок, кога стапуваат на сила измените на законот за акцизите.
За цигарите цената ќе биде за 9 проценти поголема, односно ќе постакат за 5 денари по кутија. Со измените се очекува во буџетот да влезеат околу 13 милиони евра годишно.
По членот 84 се додава нов член 84-а, кој гласи: Акцизата на цигари од член 78 став (1) од овој закон изнесува 3,253 денари по парче и 9% од малопродажната цена по кутија. Дополнително, на членот 85 се додава нов член 85-а според кој акцзата на пури изнесува 21,73 денари по парче и 9% од малопродажната цена, додека за цигарилосите 10 денари по парче и 9% од малопродажната цена. –се наведува во законските измени.
Дополнително, секој 1 јануари до 2030 година, акцизата на цигарите според најавите ќе се зголемува за 0,23 денари по парче. Иако акцизата за цигари во Македонија е меѓу најниските во Европа, а цената на цигарите и пурите е далеку пониска од европските земји, граѓаните сметаат дека цигарите се веќе скапи, а некои пак на тоа гледаат и како прилика да се откажат од пушачката навика.
Инаку во изминативе 10 години, кутија цигари се зголемуваше по просечни 5 денари, поради редовното годишно зголемување на акцизата, давачка која ја воведе државата во 2013тата со цел да го дестимулира пушењето.
Ова поскапување е дел од мерките за намалување на потрошувачката на тутунски производи и заштита на здравјето на граѓаните. Според анализата на Институтот за јавно здравје во Македонија има околу 700.000 пушачи кои годишно трошат по 5,5 килограми тутун по глава на жител. Речиси половина од населението на 15 до 64 години активно пуши цигари.
Извор: kanal5.com.mk