Гевгелија отвори стационар за бездомни кучиња со што и официјално започна со решавање на овој проблем кој важи за еден од најгорливите во речиси сите општини од југоистокот на државата.
Прифатилиштето е отворено со решение од агенцијата за храна и ветеринарство, а ќе работи во рамки на јавното претпријатие за комунални дејности Комуналец. Незгрижените кучиња, од јавните површини ќе ги заловуваат стручни лица, вработени во јавното претпријатие кои претходно поминале соодветна обука на факултетот за Ветеринарна медицина. Бездомните кучиња ќе се заловуваат по пријава од граѓани преку општинскиот сервис Систем 48 или директно во комуналното претпријатие. Откако ќе биде заловено, секое куче прво ќе биде скенирано за да се утврди дали има потенцијален сопственик.
Прифатилиштето веќе има и своја веб страна преку која граѓаните ќе имаат можност да добијат информации како да ги видат кучињата и да вдомат некое од нив. Согласно одредбите од Законот за благосостојба на животните, кучињата кои успешно го минале тестот за социјализација, а нема да бидат вдомени во законски утврдениот рок, ќе бидат одбележани со жолти општински маркици и ќе бидат повторно пуштени на местото на нивното заловување.