Мазници, питулици, кифли и други специјалитети од брашно, сол и вода, секогаш со љубов, се подготвуваат во домашната кујна на вредни домаќинки од Пелагонија, кои посебно се мотивираат кога своите производи ги изложуваат на саемски манифестации, натпревари и други собири.
Вредни жени од Битола, Новаци, Бистрица и други населени места, гордо или можеби подобро, горделиво, ги претставуваат производите убави за око, но уште поубави за уста, вкусни, пресни..затоа што, како што велат, секогаш им додаваме „зачин – љубов“!
Рецептите на нашите мајки, баби, прабаби ги чуваме, памтиме и пренесуваме во семејството. Македонската храна е позната насекаде, но секое поднебје си има свои посебности. Јас подготвувам зелници, мазници, питулици, крофни, кифли, а на барање на внучињата, во семејството или на муштерии, додавам спанаќ, праз, лук, сирење…, вели Вера Котевска од Новаци.
– Младите се повеќе се интересираат за македонската кујна со вкусни традицинални јадења. Домашната кујна е незаменлива и поквалитетна од т.н. „купечка“ храна. Јас членувам во организацијата „Силата на бабата“ која учествува на сите манифестации каде сме поканети. Во Пробиштип бевме на сучење на зелникот на баба, но и во Македонска Каменица и на други места каде се промовира македонската кујна. За квалитетна храна потребно е да се употребат здрави и проверени намирници. Често во производите ставаме пиперки, домати, праз, кромид, тиква…се што дома е произведено. Се радуваме и задоволни сме кога конзументите се воодушевуваат од произведеното. Оваа македонска традиција може да се зачува затоа што младите се повеќе се интересираат за домашната кујна. Неодамна имавме гости од Словенија и Грција и тие пред да стигнат бараа да им подготвиме домашна храна, посочи Котевска.
Целиот текст прочитајте го на линкот: nezavisen.mk