„Пред неколку години, можеше да си купиш цел аутфит за 1.000 денари или помалку. Сега, за толку пари можеш да си купиш само една маичка или шал.
Пазарот во Шутка, познат по својата разновнидна понуда на евтина и модерна облека, не е веќе тоа што беше.
Многу од посетителите кои го посетиле овој пазар во последно време се изненадени од цените на облеката, кои, како што велат, се само за нијанса пониски од оние во трговските центри и во елитните молови.
„Јас сум редовна посетителка на пазарот во Шутка, но во последно време сум крајно разочарана. Цените на облеката се многу повисоки за разлика од тоа што бев навикната во минатото. Капутите се продаваат по цена од 5.000 денари па нагоре, јакна не можеш да најдеш под 3.000 денари, фармерките се продаваат за 1.200 денари. За тие пари ќе си појдам во трговски центар и ќе си купам облека со повисок квалитет“, вели Соња Милошевска, скопјанка која неодамна го посетила пазарот во Шутка.
Според неа, овој пазар ја губи својата привлечност и конкурентност поради високите цени на облеката.
„Пред неколку години, можеше да си купиш цел аутфит за 1.000 денари или помалку. Сега, за толку пари можеш да си купиш само една маичка или шал. Ја нема веќе онаа препознатлива магичност и забава да се шеташ по пазарот и да ја бараш најдобрата понуда“, додава таа.
Од друга страна, продавачите на облека во пазарот во Шутка се правдаат дека цените ги диктираат пазарите во Турција и дека тие ја набавуваат облеката по повисока цена.
„Ние не можеме да продаваме под цена, затоа што тогаш ќе работиме со загуба. Ние ја набавуваме облеката од Турција и таму цените се зголемени поради инфлацијата и курсната разлика. Ние сакаме да им понудиме на нашите клиенти квалитетна и модерна облека, но тоа има своја цена“, вели Али, сопственик на тезга со облека во пазарот во Шутка.
Тој се пожали дека често пати се случува клиентите да ја оштетат или да ја извалкаат неговата роба при пробување и потоа да не сакаат да го платат оштетеното парче облека.
„Таквите работи нè тераат да ги зголемиме цените, затоа што ние мораме да компензираме и за нашите загуби“, заклучува тој