Евтината дневна тарифа домаќинствата ќе можат да ја користат од 13 до 15 часот, а од првиот декемвриски ден во сила ќе влезе новиот тарифен систем и тогаш ќе почне и сетирањето на броилата
Македонските граѓани бројат ситно до враќањето на дневната евтина тарифа на струјата, која е закажана за 1 декември. Периодот што со душа се чека повеќе од една година се поклопува со зголемената потрошувачка на енергијата пред новогодишните празници, кога максимално се грееме и готвиме. Евтината дневна тарифа домаќинствата ќе можат да ја користат во период од 13 до 15 часот, соопштија од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), а од првиот декемвриски ден во сила ќе влезе новиот тарифен систем и тогаш ќе почне и сетирањето на броилата, информираат за „Слободен печат“ од ЕВН.
Според тоа, на почетокот на декември евтина дневна тарифа ќе добијат само оние со дигитални броила, а останатите ќе мора да почекаат уште неколку денови за да се заврши нагодувањето на самото место. Од компанијата претходно апелираа до граѓаните да бидат достапни нивните броила за да може да ја завршат работата.
Оваа поволност се најавуваше како можност уште од летоска, но терминот се развлече за шест месеци. Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, како последица на енергетската криза. И натаму останува вечерната евтина тарифа од 22 до 7 часот наутро. На почетокот на оваа година ДДВ за електрична енергија се зголеми од 5 на 10 отсто. Во летниот период се врати на редовните 18 отсто.