Дизајнерот Алекси Хаутамаки и неговата партнерка Мила Селкимак купиле остров во Финска сместен на работ на финскиот Национален парк Архипелаг, кој го нарекуваат „Project Ö“.
Тие самите дизајнирале и изградиле луксузна кабина отсечена од светот и сега целиот остров го изнајмуваат по цена од 1.800 и 2.400 долари за ноќ.
Во купувањето и изградбата вложиле милион евра, а еве како дошле до идејата да го изградат ова место, надвор од сите светови, пишува „Buisness Insider“.
Во 2018 година, по петгодишно пребарување на Google Maps, дизајнерскиот пар купил свој приватен остров со борова шума и три карпести полуострови кои стрчат во морето, правејќи го да изгледа како животинска канџа од птичја перспектива. Кога бил помлад, по неговите зборови, Хаутамаки, често се возел со чамецот на својот татко околу 2.000 острови во Националниот парк Архипелаг. Тоа било хоби кое го продолжил кога ја запознал Мила пред шест години. Три или четири недели парот крстареле по островите, фрлајќи сидро како би гледале диви животни или да одат на пикник.
И тогаш, посакале да купат остров за живеење. Започнале со контактирање на агенции за недвижнини, но бидејќи островите за продажба се малубројни, Хаутамаки одлучил да се обрати на Google Maps како би и сам пронашол еден. Тој го пребарувал Архипелагот за да најде ненаселени острови.
„Јас лично контактирав со сопствениците на тие празни острови како би видел дали ќе бидат заинтересирани за продажба. „Тоа беше долг, бавен процес, бидејќи откако го најдов островот кој изгледаше ненаселено, тогаш морав да поминам низ документацијата во локалното градско собрание за да дознаам кој е сопственикот на тој остров“, раскажал Хаутамаки.
На крајот го пронашол островот Скјулскарет од два хектари. „Кога го здогледавме островот, веднаш се заљубивме во него“, рекол Хаутамаки.
Претходните сопственици го купиле соседниот остров и го добиле Скјулскарет како дел од нивната земја, па биле и повеќе од среќни да го продадат.
Парот дал понуда, го продале станот во Хелсинки за да го платат проектот и се преселиле во стан за изнајмување во градот. Имотот го затвориле во рок од неколку месеци, а во април 2018 година почнале да работат на градилиштето.
Модерна колиба инспирирана од финската традиција
Алекси Хаутамаки, дизајнер за барови и ресторани, и Мила Селкимак, графички дизајнер, знаеле дека сакаат да направат колиба која ќе се вклопи во пејзажот.
„Ги погледнав зградите околу Архипелагот и бев инспириран од традиционалниот дизајн, притоа обидувајќи се да го направам што е можно помодерно“, зборувал Хаутамаки.
Бидејќи крајбрежјето во архипелагот е многу уникатно, тие не сакале колибата да се бори со природниот пејзаж. Исто така, се одлучиле за материјали како што е дрвото кое би им помогнало во камуфлирање на зградата.
Ниту еден од нив претходно не дизајнирал дом, па Хаутамаки одлучил проектот да го започне на ист начин како што тоа би го направил за било кој од неговите клиенти.
„На работа секогаш размислувам: ’Како може најдобро да го услужите клиентот?‘
Се третиравме себеси како клиенти и размислувавме за тоа како живееме и кои функции колибата треба да ги има.“
„Project Ö“ (Проект Ö – значи „остров“ на шведски), како што го нарекувале, вклучувал главна колиба и куќа за гости поврзани со дрвени патеки, внатрешна и надворешна кујна и сауна. Фасадата на објектот е термо-бор, кој ќе посиви и ќе добие речиси иста боја како карпите.
„Животот на островот се сведува на време поминато на отворено. Поради тоа сакавме да имаме целосно функционална кујна на отворено“, изјавил дизајнерот.
Парот ја завршил изградбата и уредувањето за пет месеци. Тие работеле брзо како би можеле да завршат пред есента, кога времето станува непредвидливо и сонцето заоѓа во 15 часот. Ангажирале и изведувачи за поставување на дрвената рамка и прозорците, а Хаутамаки зел три и пол месеци од својата работа како би ги изградил патеките, оградите, терасите и внатрешноста на објектот.
„Имав искуство и во столарија, но ништо значајно“, бил искрен Хаутамаки. „Значи, тоа беше случај да побарате совет од вашите пријатели или да користите „YouTube“.
Поставиле и соларни панели, а водата за пиење се филтрира од Балтичкото Море. Печката за сауна е дизајнирана да загрева вода за кабината и да служи како извор на подно греење, а користеле тресет за изолација на ѕидовите – тоа е 100% природен материјал кој е одличен и за звучна изолација.
Бидејќи колибата се наоѓа на работ на архипелагот, сите материјали морало да се достават со брод.
„Имав можеби 10 различни авиони кои доаѓаа со материјалот. Доколку нешто недостасува од нарачката, морав да го чекам следниот траект, продолжил Хаутамаки. Парот, исто така, морал да постави и пристаниште како би градителите лесно излегувале на брегот.
Оригинален дизајн
Додека најголемиот дел од „Project Ö“ бил завршен до август 2018 година, парот продолжил да додава решенија на оригиналниот дизајн.
Сакајќи малку да се забавуваат со природниот пејзаж, тие испратиле 50 тони песок на островот и го претвориле заливот меѓу двата полуострови во приватна плажа. Кога пронашле вдлабнатина полна со кал на врвот на карпата, ја извлекле земјата и направиле природна топла када користејќи печка на дрва.
„Природната хидромасажна кабина била вистинска среќа. Во близина на куќата се наоѓаше мал рибник, кој беше доволно длабок за да се претвори во хидромасажна кабина. По многу обиди и грешки, успеавме да ја натераме водата да циркулира правилно и да ја загрее кадата“, зборувал Хаутамаки.
А бидејќи имаат дозвола од локалната општина да изградат уште една куќа на средниот полуостров, започнале со смислување на нови планови.