Со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на РМ“, бр.80/93...190/2017), предвидено е Управата за јавни приходи од 1 јануари 2019 година да изготвува пополнета Годишна даночна пријава за сите граѓани - физички лица кои оствариле приходи во текот на 2018 година.
Пополнетата Годишна даночна пријава (ПДД-ГДП), Управата за јавни приходи ја доставува до граѓаните најдоцна до 30 април 2019 година преку системот e-pdd.ujp.gov.mk.
За да може УЈП да ја достави пополнетата Годишна даночна пријава на увид на граѓаните преку системот e-pdd.ujp.gov.mk, како и за да можат граѓаните да ја исполнат својата законска обврска - да ја потврдат точноста или да ги коригираат податоците од пополнетата Годишна даночна пријава преку системот e-pdd.ujp.gov.mk најдоцна до 31 мај 2019 година, потребно е навреме да се регистрираат на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk
Обврска за регистрација во системот е-Персонален данок има секое физичко лице кое во текот на 2018 година остварило приходи по било кој основ (плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, од добивки од игри на среќа, од странство и други приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход), заради прием на пополнетета Годишна даночна пријава (ПДД-ГДП) од УЈП, како и заради потврдување или коригирање на податоците за приходите и платениот персонален данок.
Истовремено, преку исполнување на оваа обврска граѓаните ќе имаат можност преку системот e-pdd.ujp.gov.mk да проверат дали приходите кои ги оствариле се соодветни во однос на искажаните од исплатувачите, а со цел да се спречи евентуална злоупотреба во врска со нивните лични податоци и примања.