Скопје е најскап град за храна во Македонија, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Според последното истражување за потрошувачката корпа, во Скопје се плаќа највисока цена за месо, млечни производи, зеленчук, овошје и за јајца.
На пример, килограм свинско месо во Скопје чини 390 денари, додека во Куманово и Струмица чини 313 денари. Слична разлика има и за пилешкото месо.
Во споредба со другите градови, Скопје има и највисоки цени за млеко, сирење, кисело млеко и павлака. За еден литар млеко во Скопје треба да се плати 65 денари, додека во Велес и Кочани 58 денари. Најскапо млеко се продава во Струмица и еден литар чини 82 денари.
За еден килограм сирење во Скопје треба да се издвојат 505 денари, а во Велес истото тоа сирење чини 440 денари. Најскапо сирење се продава во Битола и чини 540 денари.
Скопје е и најскап град за зеленчук, овошје и за јајца. За една десетка јајца во Скопје треба да се плати 100-120 денари, а во Виница и Кратово 80 денари.
Оризот бил најскап во Скопје и чинел 158 денари за килограм, додека најевтин бил во Струмица и се продавал по цена од 100 денари за килограм.
Големи разлики во цените има кај свежото месо. Па така, јунешкото месо најскапо ги чини жителите на главниот град, каде се продавало по цена од 640 денари за килограм, додека најниска била цената во Штип, каде се продавало по цена од 322 денари за килограм.
Телешкото месо исто така најскапо е во Скопје, каде чинело 689 денари за килограм, додека најевтино е повторно во Штип каде се продавало по цена од 379 по килограм.
Што мислат граѓаните за ваквата ситуација на терен?
„Животот во Скопје стана неподнослив за нас пензионерите. Цените на храната се далеку повисоки од цените на храната во другите градови низ Македонија. Понекогаш не можам да си купам основни прехранбени производи како млеко, месо, масло и зеленчук. Цената на кашкавалот се вивна до небото, а исто се случува и со цената на свежото месо, да не зборувам за чварките. Ние не бараме многу, само да можеме да си јадеме и да живееме достојно”, ни изјави Перица Димовски, пензионер од Ѓорче Петров.