Поволните каматни стапки и растот на берзата годинава ги поттикнаа германските граѓани да штедат и да инвестираат во акции и инвестициски фондови, покажува истражувањето спроведено од агенцијата Кантар за здружението на националните банки BdB.
Меѓу 1.000 испитаници, 73 отсто рекле дека инвестирале во едно или друго во 2023 година, во споредба со 53 отсто минатата година, а 58 рекле дека се задоволни од успешноста на инвестицијата. Една година претходно тој удел беше 30 проценти.
„И покрај добрата година на берзите, релативно малку луѓе инвестираат во акции и фондови“, рече извршниот директор на BdB, Хајнер Херкенхоф.
Штедење по видување беше особено популарно, и покрај понискиот принос.
Во следната година 37 отсто од испитаниците планираат да направат такви заштеди, додека 29, односно 27 отсто од нив имаат намера да инвестираат во акции или инвестициски фондови.
Очекувањата за 2024 година ги обесхрабруваат инвестициите во недвижен имот, злато или заштеди со фиксна камата. Испитаниците можеа да заокружат неколку одговори.
Мнозинството од 70 отсто рекле дека безбедноста на инвестициите е важен фактор во нивната одлука за пари. Тоа останува приоритет за повеќето инвеститори, рече Херкенхоф.
Во исто време, „третина од граѓаните сега можат да замислат инвестирање со поголем ризик за поголем профит“.