Статистички или реално, како расте стандардот на македонските работници? Во континуитет извештаите на официјалните државни институции велат дека секој месец има зголемување на платите во Македонија, но општиот став на граѓаните во земјава е дека секој ден се живее потешко и потешко. Со месечни примања кои се движат од минималец до просечна плата едвај се протуркува месецот. Таква мака немаат функционерите кои добиваат плата и до неколку илјади евра. И оваа година, избраните и именувани лица ќе ја почитуваат одлуката на Уставен суд и ќе трошат плата зголемена за речиси 80 отсто, а останатите ќе мислат како ќе ги прехранат фамилиите.
Според податоците на Управата за јавни приходи во ноември лани 8 273 вработени во Македонија добиле од еден до 20 174 денари месечна плата. Податоците на УЈП велат дека 26 537 работници земале плата во висина од 20 174 денари, што претставува бројка од 34 810 вработени кои во ноември добиле минимална или плата под законски гарантираниот минималец. Официјалните податоци покажуваат исто така дека 32 4674 лица на своите сметки добиле нето плата која била помеѓу 20 174 денари и 37 835 денари или тој износ се движел од минималната до просечната плата. Информациите покажуваат и дека 150 884 лица во ноември добиле плата над минималецот, односно над 37 876 денари. Вкупниот број на вработени во моментов е 692 768 лица.
Ова е реалната состојба и вистинска слика на стандардот на македонскиот работник. Во време на енормна инфлација најголемиот дел од работниците од приватниот и јавниот сектор добиваат плата под државниот просек кој изнесува 38 843 денари.
Податоците на Државниот завод за статистика пак, покажуваат дека и на месечно и на годишно ниво има раст на платите. На месечно ниво тој изнесува 2,6 отсто, а пак на годишно ниво 17,3 отсто.
Податоците на статистичарите велат дека работодавачите во сите сектори ги зголемиле платите. Најголем раст за една година имаат вработените во јавната управа и одбрана како и задолжително социјално осигурување и тоа раст од 26 отсто, потоа – дејностите поврзани со недвижен имот. Таму платите се зголемени за 20 отсто. Истиот раст на платите го имаат и вработените во секторот снабдување со енергија. Зад нив се вработените во финансиските дејности и дејностите поврзани со осигурувањето, каде што растот на платите за една година изнесува 18 отсто. Солиден раст имаат и вработените во административните и помошни дејности каде растот на платите изнесува 17,8 отсто.
Во преработувачката индустрија платите се пораснати за 17,2 отсто, а нешто помалку за неколку процентни поени се зголемени и платите во секторите земјоделство и рударство.
Во март оваа година ќе следува ново зголемување на минималната плата и таа ќе изнесува 22 500 денари. Тоа секако ќе придонесе кон порамнување и на останатите плати, па се очекува и нов раст на просечната плата во државата. Избраните и именувани лица годинава нема да добијат ново зголемување од 400 евра на своите сметки, но во буџетот за годинава се предвидени пари за ланското зголемување кои изнесуваше 78 отсто.