Освен минималната плата во март ќе има и ново покачување на пензиите. Во согласност со новата методологија за пресметка во април, околу 335 илјади корисници на пензија ќе добијат поголема сума на своите сметки.
Но надлежните не откриваат за колку проценти ќе биде зголемувањето. Со последното зголемување во септември, пензионерите наместо најавеното 6,8 отсто добија покачување од 5,3 отсто.
Во пари изразено последното зголемување беше 700 денари за оние со најниски пензии, додека пак за оние со највисока пензија добија зголемување од околу 3.700 денари.
Објаснувањето тогаш беше дека процентот на зголемување на пензиите од 5,3 отсто е добиен во согласност со процентот на порастот на трошоците на живот и процентот на порастот на просечната плата, како и податоците од Државниот завод за статистика.
За тоа колку би било зголемувањето зависи од статистиките, но со најавата дека минималната плата во март ќе порасне на 22.500 денари растот на пензиите би требало да биде поголем од ланското зголемување.