Минаа времињата кога охридските хотели за Осми март беа преполни со гости. Од година во година интересот за доаѓање во нашиот најголем туристички центар-Охрид за овој празник се намалува, поради што дел од објектите ќе останат затворени. Сепак оние што ќе работат ќе бидат солидно исполнети за што секако придонес има и продолжениот празничен викенд...
И покрај најавите за добра туристичка сезона првиот тест за охридските хотелиери-8 Март не ветува премногу, бидејќи дел од хотелите поради малиот интерес ќе останат затворени. Оние што ќе работат и кои најверојатно понудија добра забава и прифатливи цени ќе бидат солидно исполнети. Капацитетите на поголемите објекти ќе бидат искористени помеѓу 50 и 70 проценти, додека некои од помалите целосно ги распродадоа неколкудневните аранжмани.
„Во нашиот хотел 8 Март ќе го прославуваат гостинки од Србија, 70 проценти е исполнет капацитетот. Што се однесува до охриѓанки ќе ги имаме и нив, меѓутоа прославите за 8 Март како некогаш кога 400 жени во двете сали славеа и прославуваа тоа веќе е завршено време, таквиот 8 Март, таквите прослави заминаа во историјата“, изјави Тоше Чочороски, менаџер на хотели.
„Нашите хотелски капацитети се максимално пополнети. Структурата на гости, овојпат доаѓаат од соседна Србија, Црна Гора и Хрватска“, рече Зоран Јанчески, менаџер на хотел.
Угостителските објекти како и секогаш за 8 Март ќе работат со полна пареа, а дополнителен приход ќе остварат и поради продолжениот празничен викенд.
Од понеделник ќе продолжи зимското сивило на охридското крајбрежје како и секогаш во овој период од годината. Подобри денови за туризмот се очекуваат од наредниот месец.