Бројот на мобилни претплатници во 2023 година е намален за околу 12.000 во однос на 2022 година, додека другите два сегменти од електронските комуникации растеле, покажува Извештајот од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за минатата година. Се зголемил и бројот на фиксни линии, како и бројот на корисници на ТВ-услуги.
Претплатниците на мобилни телефони максимално ги користат своите мобилни телефони. „Пари” ги анализира податоците на АЕК, од каде што точно пресметаа колку време месечно корисниците поминувале со мобилен телефон во текот на 2023 година.
Резултатот е 237 минути просечен обем на појдовен сообраќај по претплатник инициран во јавна мобилна комуникациска мрежа. А просечниот број на повици во еден месец е 109.
КОЈ ПО ЕДЕН, КОЈ ПО НЕКОЛКУ ТЕЛЕФОНИ – БРОЈОТ НА МОБИЛНИ ЛИНИИ Е ПОГОЛЕМ ОД БРОЈОТ НА ЖИТЕЛИ
Минатата година сме имале 1.920.403 активни претплатници/линии во мобилна телефонија. Ако се земат предвид податоците од Државниот завод за статистика за проценетото население на 31 декември 2023 година, според кои броиме 1.829.954 жители, излегува дека бројот на претплатничките линии е поголем од бројот на населението за солидни 90.449 линии. Не е ни чудо ако се знае дека многумина немаат само еден, туку повеќе телефони, а мобилни телефони им се купуваат и на деца од рана возраст.
Кај интернет-услугите има раст, и тоа како на тие без мобилна телефонија, така и на вкупните. Вкупниот број на претплатници со пристап до интернет (без да се вклучат тие со пристап преку мобилен телефон) е 521.918, или околу 20.000 повеќе отколку во 2022 година. Заедно со пристапот до интернет и преку мобилни телефони, бројката достигнува до 1.489.288, но и тука можеби еден човек има повеќе телефони со интернет-пристап. Како и да е, оваа бројка е за седумдесетина илјади поголема отколку во 2022 година. Во пракса, имаме сѐ помасовно користење паметни телефони и телекомуникациски пакети коишто по автоматизам вклучуваат интернет.
Во компаниите сѐ уште како непишано правило важи постоењето на фиксна телефонска линија. Многу пакети и за физички лица вклучуваат фиксна телефонија. Но, многу граѓани тие телефони и не ги користат. Сепак, бројките покажуваат дека вкупниот број на фиксни линии е 441.205, што е за околу 9.000 повеќе отколку во 2022 година.
Вкупниот број на претплатници на ТВ-услуги е 440.500 и во 2023 година е поголем за речиси 5.000 отколу во 2022 година. Инаку, според Пописот од 2021 година, во Македонија имало 598.632 домаќинства. Ова значи дека најмалку 158.132 домаќинства немаат пристап до кабловска или сателитска телевизија. Секако, треба да се земе предвид дека некое домаќинство може да се јави и двапати или повеќепати како корисник, ако има ТВ-услуги во викендици или други станови. Но, некои од тие без ТВ-претплата во Македонија можеби имаат ТВ-претплата во некоја друга земја каде што заминале.
Индикатори за развој на пазарот на електронски комуникации за 2023 година
Инаку, од АЕК наведуваат дека под активни линии/претплатници се сметаат тие што во последните 3 месеци предизвикале некаков електронски комуникациски настан.
КАКОВ ПАЗАРЕН УДЕЛ ИМААТ ТЕЛЕКОМУНИКАЦИСКИТЕ ОПЕРАТОРИ?
Според податоците од АЕК, Телеком држи 51,5 насто од фиксната телефонија, А1 е на второ место, со удел од 42,47 насто, потоа е Телекабел, со 3,81 насто, па Неотел, со 1,84 насто, и Актон, со 0,54 насто.
Во однос на мобилната телефонија, на прво место е А1, со удел од 48,11 насто, а малку помал удел – од 47,13 насто – има Телеком. Лајкамобил држи 2,84 насто од мобилната телефонија, Телекабел 1,25 насто, МТЕЛ 0,57 насто, а Греен мобиле 0,10 насто.
Удел на операторите во вкупниот број на активни претплатници во 2023
Целата анализа е достапна на следниот линк: pari.com.mk