Лани од извоз на јаболка се остварени 14 милиони евра, што е за 8% помалку од 2022 година. Во текот на минатата година, увезени се околу 5.000 тони јаболка во вредност од 2,5 милиони евра.
Според статистичките податоци, најголем увозник на македонско јаболко лани била Бугарија, каде што се извезени 23,6 илјади тони, или е реализиран извоз во вредност од 4 милиони евра. По Бугарија следува Косово, каде што се извезени 9,6 илјади тони во вредност од 3 милиони евра.
Во Србија, лани се извезени 14,8 илјади тони во вредност од 2,8 милиони евра. Следува Грција каде што се извезени 8.000 тони во вредност од 1,5 милиони евра, и БиХ со извоз од околу 1 милион евра.
Само на овие пет пазари лани имало извоз на јаболка поголем од 1 милион евра.
Извозот на овошје од земјава лани изнесувал 44,7 милиони евра, што е намалување за 11% во споредба со вредноста на извозот во 2022 година.
Количински е забележан пад од 26%, а голем придонес во целокупната состојба има и намалувањето на површините под овоштарници за 2,5%, но и увозот на јаболка кој го потисна домашното јаболко во маркетите и на зелените пазари.