Сопственик на фарма за свињи од скопскиот регион објави одлични вести за сите љубители на прасечко месо, кои нетрпеливо го очекуваат крајот на Велигденскиот пост кога ќе можат да го вкусат своето омилено крцкаво јадење.
Во моментов, објави тој, на располагање се околу 30 прасиња, секое со тежина од 30 до 120 килограми.
„Ако сакате да уживате во вкусно печено прасе за Велигден, сега е моментот да си резервирате и да оставите капар. Побарувачката е голема и затоа побрзајте, бидејќи за брзо време ќе се продадат“, вели фармерот.
Тој тврди дека прасињата се во најдобра форма и дека месото ќе биде совршено вкусно.
„Секое прасе е внимателно одгледано и има висок квалитет на месото. Цената за жива мера е 180 денари по килограм, додека свињите со тежина од над 200 килограми се продаваат по 130 денари за килограм”, објаснува соговорникот на Denar.
На оваа тема Denar разговараше и со жител на скопската населба Влае, кој периодов гради куќа во оваа населба, и кој сака за Велигден да ги почести своите најблиски со печено прасе.
„Цената од 180 денари за килограм е прифатлива, а јас веќе резервирав прасе од околу 30 килограми. Целото прасе ќе ме чини околу 5.500 денари, а ќе потрошам уште некој денар и за печење во фурна“, изјави соговорникот.
Инаку, цената за печење свинско месо во фурна сега е 1.200 денари, додека минатата година изнесуваше само 1.000 денари.
Повисоките цени на печењето се резултат на неколку фактори, како што се сушата, високите трошоци за храна и транспорт на животните, намалената понуда на свинско месо поради африканската чума на свињите и зголемената побарувачка за празниците.