Продолжениот викенд за првомајските и велигденски празници ќе го испразни Скопје. Метеоролозите прогнозираат вистинска пролета, а агенциите евидентираат зголемена побарувачка.
За велигденските празници голем дел граѓаните ќе заминат за Грција. Од туристичките агенции велат дека има интерес и за туристичките тури низ Европа, но сепак најголем интерес има за Грција.
Метеоролозите прогнозираат идеално време за патување или прошетка во природа
Втората половина од април ќе донесе сончево и топло време кое ќе се задржи до крајот на месецот. Последната седмица од април ќе биде сончева со дневни температури до 25 степени.
Почетокот на мај ќе донесе стабилно и топло време. Празникот на трудот ќе биде сончев, а такво време се очекува и за велигденските празници. Утринските температури ќе бидат околу десет степени, а дневните ќе се искачат до 25-тиот степен.
Стабилното време ќе се задржи до крајот на првата половина од мај кога се очекува кратка дестабилизација со дожд. Крајот на месец ќе донесе сончево и топло време.
Судејќи според временската прогноза ова ќе бидат идеални денови за прошетка во природа или пак патување со семејството.