Забраната за сладолед по полноќ наскоро ќе се дискутира во Милано во обид да се заштитат „мирот и спиењето“ на жителите.
Имено, за многу Италијанци уживањето во сладолед доцна навечер е дел од културата, но тоа би можело да се промени поради предлогот на нова регулатива. Локалната администрација доставила предлог на документот, а доколку биде усвоен, тоа би можело да доведе до забрана за продажба на сладолед по полноќ веќе следниот месец, пишува „The Guardian“.
Уредбата ќе ја забрани продажбата на храна за носење, вклучително и пица и пијалаци, по полноќ, во обид да се спречи бурната толпа што се собира на улиците на италијанскиот град. „Целта е да се најде баланс помеѓу дружењето и забавата и мирот и спокојството на жителите“, рече Марко Гранели, заменик градоначалник.
Предлогот ќе стапи на сила од средината на мај и ќе трае до ноември. Забраната ќе започне во 12:30 часот во работните денови и во 1:30 часот за време на викендите и државните празници и ќе се однесува само на дворови или маси на отворено.
Луѓето веќе не се среќни
Граѓаните можат да се жалат и да предлагаат измени на законот до почетокот на мај. И многу од нив веќе не се среќни. "Што прави просечното италијанско семејство во текот на летото? Тие одат на прошетка по вечерата и јадат сладолед. Тоа е традиција и затоа е јасно дека ако се мешате во тоа, луѓето нема да бидат среќни", изјави Марко Барбиери, генерален секретар на Миланското здружение на трговци на „Confcommercia“.
„Правилото кое им забранува на луѓето да пијат шише вода или да јадат сладолед или пица додека шетаат во Дарсен нема да реши ништо бидејќи луѓето сепак ќе останат надвор. Дали мислите дека 25-годишник ќе си оди дома на полноќ само затоа што не може да си купи сладолед? Што е со туристите кои сакаат да јадат сладолед по полноќ?“, прашува тој.
Предлогот би се однесувал на следните области: Ноло, Лазарето, Мелцо, Исола, Сарпи, Виа Цезариано, Арко дела Пејс, Комо-ГаеАуленти, Порта Гарибалди, Брера, Тичинезе и Дарсена-Навигли.
Сличен обид беше направен и во 2013 година
Ова не е првпат Милано да се обиде да забрани сладолед по полноќ. Во 2013 година, тогашниот градоначалник Џулијано Писапија се обиде да спроведе слични мерки, но по жестоката реакција, тој се предомисли.