Со приближувањето на еден од најголемите христијански празници Велигден, цените на јагнињата на домашниот пазар значително пораснаа, достигнувајќи до 300 денари по килограм жива мера.
Сопствениците на фарми за јагниња изразија оптимизам во однос на продажбата оваа сезона, иако потрошувачите се соочуваат со поголеми трошоци.
„Оваа година нудиме јагниња со одличен квалитет, со тежина од 20 до 30 килограми, по цена од 300 денари за килограм“, изјави сопственикот на една локална фарма за Денар.
За оние кои сакаат, додава тој, нудиме и дополнителна услуга – колење и чистење на јагнето, со мала доплата.
Сепак, некои купувачи се сомневаат во исплатливоста на оваа инвестиција.
Еден скопјанец кој неодамна купил јагне тешко 33 килограми за околу 10.000 денари, го сподели своето искуство:
„Не мислам дека е баш исплатливо да се купи цело јагне, жива мера. Откако го заколевме и исчистивме, останаа само околу 10 килограми чисто месо, додека остатокот беше кожа, коски и внатрешни органи кои ги фрливме. Платив 10.000 денари за јагнето, а добив околу 10 килограми месо. Тоа значи дека килограм јагнешко ме чини 1.000 денари. Скапо е, ама меракот беше голем”, изјави Мартин Вељаноски од Скопје.
Додека некои семејства сè уште преферираат да купат цело јагне за традиционалниот велигденски ручек, други се одлучуваат за помали количини месо или алтернативни извори на протеини, со цел да ги намалат трошоците за празничната трпеза.
Со оглед на тековните економски услови, оваа тенденција може да продолжи и во иднина.