Tрендот на прославување детски родендени со раскош и помпа која потсетува на свадбени веселби станува сè поизразен.
Родителите се натпреваруваат кој повеќе ќе инвестира во еднодневниот настан, со цел да создадат незаборавни спомени за своите деца.
Од слатки маси исполнети со разнобојни колачиња, до торти на неколку ката кои ги разубавуваат фигури од омилени анимирани ликови, сè е подредено до најситен детал.
Специјално изработени фустани и костуми за децата, професионална декорација и анимација од страна на аниматори и кловнови, се само дел од елементите кои го прават овој ден магичен.
Според анализата на Денар, цените за изнајмување на простор во игротеките се движат од 2.000 до 3.000 денари, со задолжителен депозит кој се плаќа пред прославата.
За комплетен роденденски пакет за 20 лица, без вклучени деца, со храна обезбедена од игротеката, родителите треба да издвојат околу 12.000 денари. Цените за торти варираат во зависност од големината и дизајнот, почнувајќи од 1.000 па сè до 5.000 денари.
На оваа тема Денар разговараше со една скопјанка која неодамна го прослави седмиот роденден на својата ќерка во една од најпопуларните игротеки во градот.
Таа откри дека вкупната сума за прославата изнесувала 25.000 денари.
„Сакавме да ѝ приредиме на нашата ќерка роденден за паметење. Се чувствувавме како да организираме мала свадба, со сите тие детали и планирање. Но, кога ја видовме радоста во нејзините очи, сфативме дека секој денар беше вреден”, изјави нашата соговорничка.
Овој тренд го поттикнува прашањето за социјалните и економските импликации кои произлегуваат од таквите прослави.
Додека некои родители сметаат дека е важно да се инвестира во среќата и задоволството на децата, други се загрижени дека ова може да создаде притисок и несоодветни очекувања кај децата.
Психолозите предупредуваат дека прекумерната инвестиција во материјални ствари не треба да биде замена за вистинската емоционална врска и внимание кон децата.
Сепак, останува фактот дека детските родендени се трансформираат во настани кои ги преминуваат границите на традиционалните прослави, поставувајќи нови стандарди за креативност и раскош.