Доаѓаат неподносливи горештини – од утре земјава ќе ја зафати портокалова фаза
Високите летни температури веќе се во полн замав, а уште нè чекаат и неколку топлотни бранови.
Во наредните пет денови, почнувајќи од денеска па сè до недела на 23 јуни, како што предупредија од УХМР, Македонија ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината. Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.
Според УХМР, земјава е во жолта фаза, а веќе од утре поради натамошен пораст на температурите ќе биде активно портокалово ниво.
Владата на барање на Министерството за здравство издаде препораки поради големите жештини кои ни доаѓаат, а имаат и високо ниво на УВ зрачење кое може да биде опасно не само за хронично болните и малите деца и другите ризични групи туку и за здравите луѓе.
Препорачано е да се ослободат од работните обврски најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години, градинките да не ги изнесуваат децата на отворено во период од 11 до 17 часот, а работодавците на вработените кои изведуваат работа на отворено, Владата ги потсетува дека имаат обврската за почитување на законите од оваа област, со оглед дека, како што се наведува одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик врз здравјето на изложените работници.
Меѓу препораките на Владата и на општините, Црвениот крст и Центрите за социјална работа да осигураат помош на осамени, стари, изнемоштени и бездомни лица во регионите зафатени со топлотниот бран.
И Институтот за јавно здравје излезе со потсетување дека секоја година, високите температури влијаат врз здравјето на многу луѓе, особено на постарите лица, новороденчињата, луѓето кои работат на отворено и хронично болните.
Оттму известија дека и тие изготвиле препораки со кои на граѓаните им се советува за време на топлотните периоди, да избегнуваат излегување и вршење напорна активност за време на најжешкото време од денот од 11 до 17 часот, да внимаваат движењето надвор да им биде под сенка, да не ги оставаат децата или животните во паркирани возила, и доколку е потребно и можно, да поминат 2-3 часа на ден на ладно место.
-Доколку УВ индексот е повисок од 8, задолжително да се користи крем со заштитен фактор, капа и очила со заштита од УВ зрачење. УВ зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период да биде што е можно помала изложеноста на сонце. Воедно, посетителите на плажа треба да имаат предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето, се вели во препораките од ИЈЗ.
Исто така Институотот за јавно здравје ги советува граѓаните да ги одржуваат своите домови ладни, но приота да водат сметка разликата во температурата меѓу просторијата и надворешноста да не биде поголема од пет степена, како и да го користст ноќниот воздух за да го оладат домот со природно проветрување кога надворешните температури ќе се намалат и да ја намалат оптовареноста на топлина во станот или куќата во текот на денот со користење на ролетни и исклучување што е можно повеќе електрични уреди.
Оттаму, меѓу другото, препорачуваат и граѓаните правилно да го хидрират своето тело, да користат светла, бела, лесна и лабава облека и постелнина, да практикуваат ладни тушеви или бањи и да пијат безбедна вода редовно, но и да избегнуваат пијалаци со шеќер, алкохолни пијалаци или кофеини.