Недостигот на стручни и квалификувани кадри не е реалност само во Македонија. Истото се случува и во соседна Бугарија каде што стапката на невработеност е околу 5 отсто, а работа не можат да најдат само оние кои не сакаат да работат. За да привлечат соодветни кадри, компаниите се принудени да работат на својот бренд како посакуван работодавач.
Под мотото “Новиот свет на работното место“ започна најголемото HR случување во Софија кадешто звучни имиња од сферата на PR и управување со човечки ресурси ги презентираа најдобрите практики за создавање бренд на посакуван работодавач кој ќе им овозможи на компаниите да дојдат до најдобрите таленти на пазарот на трудот.
Конференцијата имаше чест да ја отвори заменик министерката за труд и социјална политика на Република Бугарија – г-ѓа Зорница Русинова истакнувајќи дека работодавците треба да започнат да комуницираат со скриениот сегмент на пазарот на трудот кој го сочинуваат младите, луѓето кои не се мотивирани да работат и луѓето со здравствени проблеми.
Работата не претставува само извршување на работните задачи, туку и мотивацијата да се биде дел и да се припаѓа во една компанија, нагласи заменик министерката Русинова пред стотина гости присутни на форумот.
На конференцијата се обрати и претседателката на Бугарската асоцијација за човечки ресурси – г-ѓа Детелина Смилкова којашто поентираше дека во битката за талентите, успеваат само оние кои ги диктираат промените и дека до 2025 г. работното место би можело да биде насекаде околу нас. Според неа, светот на бизнисот постојано се менува, а менаџментот и HR професионалците треба да се адаптираат. Не постои точен рецепт за успех. Работодавците треба да го слушнат гласот на кандидатите и вработените, а не само да диктираат. Таа сподели и девет начини за задржување на талентите во една организација како што се признанието, повратната врска, силното лидерство и културата.
Со свое излагање на форумот настапија и Ката Димитрова – основач и управител на Interpartners Communications Group, Светлозар Петров – извршен директор на JobTiger, Евелина Славкова – психолог и основач на Тренд, д-р. Вања Бабанин – консултант за управување со репутацијата и брендот, Деан Василев – основач на MoitePariConsulting и Кредитленд, Станка Стојанова – менаџер за човечки ресурси во BHTC Bulgaria, Александар Христов – професионалец во сферата на комуникациите и ПР и партнер во компанијата Paragraph 42, Климентина Рашева – основач и управител на Денкштат Бугарија, Георги Христулев – експерт во областа на онлајн маркетинг и продажба, Марија Гергова Бенгтсон – извршен директор на United Partners и претседател на БАПРА, Елена Матеева – директор за Комуникациски стратегии и KCO во Sopharma AD, Максим Бехар – генерален извршен директор на M3 Communications Group Inc., Надја Ванева – основач и директор на агенцијата 3CON, Ирина Горјалова – коуч по организациско лидерство за извршни директори и Емануела Кожушкова – извршен директор на Телерик Академија.
Ни претставува огромно задоволство што бевме дел од еден ваков настан и разменивме непроценливо знаење за градење стратегии, привлекување и задржување на таленти и обезбедување на раст со голем број HR професионалци, специјалисти за привлекување на таленти, комуникациски експерти и PR и Employer Branding професионалци.