ТАВ Македонија во моментов работи на мастер план за развој на авиосообраќајот во Македонија за наредните 20 до 30 години и се очекува кон крајот на октомври тој да биде презентиран пред Владата.
Се работи за план за зголемување на бројот на летови, зголемување на капацитетите на аеродромите, ефикасноста и можноста за железничко поврзување на аеродромите. Инаку, концесијата на ТАВ за Скопскиот и Охридскиот аеродром завршува во 2032 година, но оваа компанија уште отсега најавува дека има интерес повторно да ја добие концесијата и со тоа и управувањето со двата аеродроми во Македонија.
Ова беше истакнато на прес конференцијата што се одржа во атрактивното турско летувалиште Анталија со менаџментот на ТАВ организирана за македонските новинари.
Новиот модел на субвенционирање на авио летови преку субвенционирање на авиокомпаниите ќе има огромен ефект за зголемување на бројот на авиокомпании, но и на дестинации од македонските аеродроми, смета директорот на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
- Колку што сум информиран има многу заинтересирани авиокомпании кои аплицирале на повикот, но во моментов не може да откријам точно кои. Веруваме дека ќе има огромен ефект за зголемување на бројот како на авиокомпании, така и на нови дестинации без разлика дали тие нови дестинации ќе бидат од една иста компанија или од повеќе различни - изјави Курт.
Тој нагласи дека пред да биде финализиран јавниот повик претставниците на ТАВ имале редовни состаноци со Комисијата од Министерството за транспорт и врски.
- Има пријавено авиокомпании кои се заинтересирани за дестинации кои претходно беа оперирани од аеродромите, но и за нови. Не би сакал да ги отривам имињата зошто сега се заинтересирани, вие можеби ќе објавите вест, а после можеби повеќе нема да бидат заинтересирани. Ние постојано градиме односи и преговараме со авиокомпаниите со министри, со амбасадори, особено со министрите за надворешни работи кога доаѓаат за отворање на некоја авиолинија која е барана. Имаме и наша програма за субвенции на авиокомпании, но сепак на крајот одлуката за тоа дали ќе се воведе некоја дестинација или не или, пак, дали некоја авиокомпанија ќе почне да оперира од аеродромите останува на самите авиокомпании кои ја носат финалната одлука. Се надевам дека ќе биде подобро. Ќе видиме каков ќе биде ефектот од субвенциите од Владата и како сето тоа ќе се проследи и ќе продолжи понатаму - рече Курт.
- Овие субвенции се независно од оние што ги дава Владата. Субвенциите се со цел да привлечеме нови авиокомпании и да отвориме нови дестинации - додаде Курт.
Главниот извршен директор на ТАВ, Серкан Каптан потенцира дека ТАВ во моментов оперира со три аеродроми во регионот, Скопје, Охрид и Загреб и планира да се прошири во Подгорица и Тиват.
Тој посочи дека авиособраќајот во светот закрепнува по падот предизвикан од пандемијата и дека се очекува годинава целосно да се опорави на светско ниво и да има 9,7 милијарди патници во авиосообраќајот со што ќе се надмине 2019 година кога имаше 9,2 милијарди патници на светско ниво.
-Според генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, доказ за досегашните заложби за обезбедување висок квалитет на аеродромските услуги се Airport Service Quality (ASQ) наградите добиени од ACI, кои од 2012 година досега Меѓународниот Аеродром Скопје ги доби девет пати, во категоријата – најдобар аеродром од 2 до 5 милиони патници годишно во регионот на Европа. „Последната ASQ-награда е за 2023 година. Ќе продолжиме да учествуваме во овие реномирани светски програми од нашата индустрија за истражување на мислењето на клиентите, бидејќи како услужна дејност задоволството на клиентите е една од нашите главни цели.”, изјави Курт. ТАВ Аеродроми од 2010 година досега во двата македонски аеродроми има инвестирано над 300 милиони евра и на скопскиот и охридскиот аеродром вработува над 1.000 луѓе – во ТАВ Македонија, како аеродромски оператор, како и во сестринските фирми БТА, АТУ, ТАВ Технолоџис и ТАВ МОС. Во првите осум месеци годинава ТАВ Аеродроми опслужи 2,1 милион патници (2.128.981) на двата македонски аеродрома, што е 4% зголемување во однос на лани и 17.196 лета што е за 12% повеќе од истиот период во 2023 година.