Да се биде кум на македонска свадба отсекогаш било чест и обврска, но денес, оваа улога станува сè потешка од финансиска гледна точка.
Традицијата на свадбите во Македонија значи голема прослава, која е придружена со многу обичаи, но новите трендови бараат кумот да понуди многу повеќе од благослов и симболичен подарок.
Во минатото, кумот се сметаше за духовен водач на младенците, а неговите обврски се сведуваа на организирање на прославата, обезбедување венчални прстени и покривање на некои од трошоците за венчавката.
Денес, оваа традиција добива нови димензии. Кумовите сега се очекува да подаруваат скапи патувања, автомобили или дури и да помагаат во отплаќање на кредити.
Финансиски товар: Како се движат трошоците?
Според податоците до коишто дојдовме, кумовите се очекува да подаруваат меѓу 500 и 1.000 евра, летување на егзотична дестинација или слични вредни подароци.
Кумовите често подаруваат значителни суми пари, но и венчални прстени, а понекогаш дури и покриваат дел од трошоците за младенечката облека или самиот свадбен настан.
Социологот Љубица Маџовска го коментира овој нов тренд:
„Во традиционалните македонски свадби, кумот секогаш имал голема почит, но неговите обврски биле многу поедноставни. Се очекувало да ги носи венчалните прстени, да учествува во организацијата и да донесе симболичен подарок. Денес, тоа е прераснато во неформална ‘трка’ кој ќе подари повеќе и повредно, а со тоа и ќе покаже поголема чест“.
Кумувањето и кредитите
Сè почесто, кумовите размислуваат за земање кредит за да ги покријат сите трошоци поврзани со свадбата.
Младенците и нивните семејства очекуваат помош од кумот, а ваквите финансиски барања создаваат дополнителен притисок.
Во некои случаи, кумовите подаруваат и станови или значителни суми за првичен депозит за купување стан.
Ова, исто така, резултира со зголемени трошоци и финансиски товар врз кумовите.
„Кумувањето денес се претвора во натпревар на статуси. Многу семејства се водат од општествените норми и очекувањата дека кумот ќе донесе скап подарок, што дополнително создава финансиски товар врз луѓето“, додава Маџовска.
Како се менуваат очекувањата?
Со растечките трошоци за свадбени церемонии, кумовите се наоѓаат во ситуација да балансираат меѓу традицијата и модерните очекувања.
Подароци како луксузни патувања или финансиска помош за купување стан не се повеќе реткост, туку нов стандард.
Меѓутоа, социолозите предупредуваат дека оваа пракса може да ги стави семејствата во долгови и да го намали вистинскиот дух на свадбените прослави.