Скопје по 20. пат вечерва ќе живее со културата и уметноста во рамките на манифестацијата „Бела ноќ 2024“. На повеќе ликации во градот ќе можете да уживате во театарски спектакл на отворено, музички настани, изложби, проекции, работилници и други културно-уметнички перформанси. „Бела ноќ“ ќе почне со волшебен уличен спектакл, насловен „Сонот на Ербер“ на француската трупа „Кидам“ во 20 часот пред Музејот на град Скопје. Финалето на претставата е на плоштадот „Карпошово востание“. Со дефилето Францускиот институт во Скопје ќе одбележи 50 годишнина. Потоа во паркот „Ибни Пајко“ следува фантастичен видео-мапинг на Емил Петро, насловен „Франција во светлина“.
Како дел од манифестацијата, Културно-инфпрмативниот центар од Скопје се вклучува со повеќе содржини. За публиката е достапна самостојната изложба на Јана Луловска „Effortless“ е визуелна оаза која го претвора обичното во извонредно. Инспирирана од движењето Fluxus, оваа колекција од дигитални слики печатени во ограничено издание, го отелотворува природниот тек на настаните и изборите кои природно ги правиме со убавина и грациозност за да се движиме низ секојдневните предизвици во животот. Со прифаќање на флуидноста и едноставноста на креативноста, „Effortless“ нуди момент на спокојност, олеснување и трансценденција од животните предизвици и секојдневниот напор.
Во салонот „Империјал I“ во 20 часот ќе биде отворена групна изложба на фотографии, „Танцот на фотоните“ на Зрно фестивал. Ќе бидат изложени оригинални, алтернативни фотографии настанати на работилниците на последното издание на Зрно фестивалот за алтернативна фотографија. На работилницте кои се одржаа ова лето во село Смилево, учествуваа четириесетина учесници од цела Европа, под водство на светски мајстори на аналогната фотографија. Ретка можност да се видат вакви, во буквална смисла, уникатни фотографии кои тешко може да се репродуцираат и најчесто ги има само во еден примерок.
Во салонот „Империјал II“ во 20 часот ќе биде отворена групната изложба „Резонанца“ по повод наградата „Борко Лазески“. Наградата лани ја добија младите ликовни уметнички Јана Николовска, Антоанета Малиновиќ и Дорина Tенева. Изложбата ги обединува нивните визуелни истражувања низ различните медиуми на авторките, и ги претставува личните, интроспективни тематики кои имаат за цел да го доведат гледачот во контемплативна состоjба. Организацијата на изложбата на студент од Факултетот за ликовни уметности од Скопје кој во претходната учебна година ја освоил наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел од оваа година ја презема Културно информативен центар – Скопје.
Во Салон 19:19 во 21 часот концерт на пијано ќе одржи Ана Мазнејкова. Таа интегрално ќе го изведе албумот „Годишни времиња“ на големиот руски композитор Петар Илич Чајковски, (12 карактеристични пиеси од оваа збирка, именувани според месеците во годината). Преку концертот публиката одблизу ќе се запознае со авторот кој припаѓа на периодот на романтизмот и кој успеал да направи спој помеѓу звукот на руската и европската музика. Тој бил препознаен како мајстор на широки, безгранични и исклучително сензитивни мелодии, со високо естетско ниво и неосетен кумулативен елемент.
Националната галерија на Македонија се вклучува со две актуелни поставки. Во Даут-пашин амам во тек е изложбата „120 години од раѓањето на Томо Владимирски“, еден од основоположниците на македонскиот модернизам во ликовната уметност. Во Чифте амам во тек е изложбата „Сенки во облаците “ на Емил Шулајковски.