Одливот на мозоци ја стави земјава на високото петто место во Европа
Ревизорскиот извештај за одливот на мозоци од земјава, во кој е утврдено дека за осум години емиграцијата на високообразован кадар ја чинел државата 44,7 милијарди денари или 0,8% од годишниот БДП, се најде на расправа пред матичната комисија, за економски прашања во Собранието.
Според извештајот во периодот од 2013-2021 година од Македонија годишно мигрираат по околу 2500 млади со високо образование. Земјава се наоѓа на петто место по заминување на високообразован кадар во споредба со европските земји, а таленти се помалку се откриваат. Владата не прави доволно за спречување на состојбата која според ревизорите е алармантна, а одливот на мозоци негативно влијае врз економијата.
Според државниот завод за статистика, во периодот од 2015 до 2022 година од земјава заминале вкупно 719 млади со високо образование, а според проценките на Светска банка, речиси 40% од младите со факултет ја напуштиле државата.
ДЗР: Државата е без стратегија за задржување на квалификувани кадри
Државниот завод за ревизија утврдил дека нема меѓуинституционална соработка во однос на запирање на одливот на младите таленти и оние со диплома. Години наназад се усвојувале, но не се спроведувале мерките, а згора на тоа и никој не го контролирал енормното заминување на квалификуваните од земјава. Се доделувале стипендии без да се утврди дали одговараат на понудата и побарувачката на пазарот, а не се водело ниту сметка за дали стипендистите ги исполниле обрските согласно договорот.
Министерката за образование Весна Јаневска по ваквите наводи од државниот ревизор вети намалување на емиграцијата на квалификуваниот кадар од државата, истовремено и ревизија на стипендиите од страна на министерството.
,, -Нам ни е потребен квалитетен образовен систем и за таа цел, со универзитетите веќе говориме за промени кои, меѓудругото ќе значат и осовременување на студиските програми, за да бидат интересни за младите. Дополнително, образованието мора да биде усогласено со потребите на пазарот на трудот и затоа ќе ги ревидираме квотите за упис на факултетите, врз основа на реална анализа на состојбите во општеството и утврдување на тоа што ни недостига“, изјави Јаневска на собраниската комисија.
Министерката ја истакна потребата од поврзување на стипендистите со компаниите од земјава, а најави и повеќе пари за научно-истражувачки проекти.
А токму порталите наука.мк и патент.мк не се во функција па неможе да се видат резултатите од научно-истражувачката дејност, иновациите и патентираните производи.
Алармантна е и ситуацијата со запишување на студенти во земјава, се повеќе ја искористуваат можноста за студирање надвор од земјава, на пример на некој од факултетите во Словенија, за младите се поатрактивни и со поголема перспектива за вработување.
Според последниот извештај направен од невладината Центар за граѓански комуникации за една деценија државата изгубила 7000 илјади бруцоши. Најголем губитник се државните универзитети каде бројот на студенти се намалил за 5000.