Елон Маск не е фан на состаноци, бирократија, хиерархија или кој било друг систем што ја попречува директната комуникација. Тој претпочита луѓе што користат логика и здрав разум при извршувањето на задачите.
Во голем број наврати, Елон Маск успеа да го трансформира значењето на зборот претприемач. Со години наназад, неговиот неортодоксен стил на менаџирање во Tesla и SpaceX постави дефиниција за тоа како луѓето треба да ги водат своите бизниси.
46-годишниот претприемач освен по револуционерните промени коишто неговите компании ги направија во автомобилската и вселенската индустрија, познат е и по својот професионален карактер на воркохолик со силна опсесија за повисока продуктивност.
Во еден мејл кој Маск го испратил до своите вработени во Tesla, тој сподели неколку лични препораки за зголемување на нивната продуктивност. Еве дел од нив:
Големите состаноци се губење време
Преголемите состаноци се замка за големите корпорации и се се’ помалку ефикасни со текот на времето. Избегнувајте ги, освен кога сте сигурни дека тие создаваат вредност за сите коишто се присутни, а тогаш погрижете се да бидат кратки.
Состаноците треба да бидат ретки, освен ако не се работи за некое итно прашање
Ослободете се од честите состаноци, освен ако не се занимавате со крајно итни прашања. Фреквентноста на состаноците треба брзо да се намали откако итните прашања ќе се затворат.
Ако сметате дека нема потреба да бидете на одреден состанок, напуштете го
Напуштете го состанокот веднаш штом ќе биде очигледно дека не додавате вредност. Не е некултурно да се замине, напротив, некултурно е да се натера некој да остане и да го троши времето што би го искористил за некоја друга активност.
Избегнувајте конфузен жаргон
Не користете акроними или бесмислени зборови за објекти, софтвер или процеси. Во принцип, секоја фраза која е потребно дополнително да се објасни ја спречува комуникацијата. Не би сакале луѓето да мора да меморираат речник само за да функционираат во Tesla.
Не дозволувајте хиерархијата да ги направи работите помалку ефикасни
Комуникацијата треба да се одвива по најкратката патека потребна за да се заврши работата, а не преку еден цел синџир на наредување. Секој менаџер кој се обидува да наметне синџир на наредување, наскоро ќе се најде себеси во друга компанија.
Ако треба да стапите во контакт со некого, направете го тоа директно
Изворот на секој проблем е во лошата комуникација помеѓу секторите. За да се надмине овој чвор, потребно е да се овозможи слободен проток на информациите на секое ниво.
Не губете време следејќи глупави правила
Секогаш користете го здравиот разум како свој водич во извршувањето на задачите. Ако некое корпоративно правило не соодветствува во дадена ситуација, тоа треба веднаш да се промени.
Од овие совети, станува јасно дека Елон Маск не е фан на состаноци, бирократија, хиерархија или кој било друг систем што ја попречува директната комуникација. Тој претпочита луѓе што користат логика и здрав разум при извршувањето на задачите.