На стовариштата во Скопје, понудата на различни видови на дрва за огрев е голема, но сè поголема популарност стекнуваат веќе исечените и исцепени дрва.
Оваа практика им овозможува на купувачите да го поедностават процесот на подготовка за зимата, без да губат време и енергија на сечење и цепење на дрвата.
Во населбата Сарај, каде што има неколку стоваришта за дрва, вработените потврдуваат дека оваа услуга сè повеќе се бара од купувачите.
35-годишниот Зекирија, вработен во едно од стовариштата, објаснува дека трендот на купување сечени и исцепени дрва е во пораст:
„Луѓето сè повеќе се одлучуваат за готовите пакети со веќе исечени и исцепени дрва. Ова значително им ја олеснува подготовката за зимските месеци, бидејќи многумина немаат време, алат или физичка способност сами да ги подготват дрвата за огрев. Забележуваме дека побарувачката за ваквиот тип на дрва е двојно поголема во споредба со минатите години“, објаснува Зекирија.
Тој посочува дека клиентите се најчесто семејства што живеат во куќи, но сè почесто и помали претпријатија купуваат дрва во оваа форма за потребите на нивните објекти.
Нашиот соговорник додава дека продажбата на сечени и исцепени дрва е исто така популарна кај повозрасната популација, која ја гледа оваа опција како начин да го намали физичкиот труд и напорот во зимските месеци.
Иако цената на исечените и исцепените дрва е нешто повисока од цената на необработените дрва и изнесува 6.000-7.000 денари за кубен метар, според Зекирија, купувачите го гледаат тоа како оправдана инвестиција, бидејќи заштедуваат на време и труд.
„Многу луѓе се подготвуваат однапред за зимата и гледаат на тоа како на долгогодишна навика. Готовите дрва се практична опција, особено за оние кои не сакаат да се соочат со дополнителни предизвици околу цепењето и сечењето“, вели тој.
Со оглед на трендот на пораст на побарувачката за вакви дрва, стовариштата во Скопје почнуваат да ги приспособуваат своите понуди.
Се очекува овој тип на производи да остане актуелен, особено во пресрет на претстојните зимски месеци.