НАРОДНА БАНКА ГО ЈАКНЕ СИСТЕМОТ НА ЦАРИНСКАТА УПРАВА
Преку постојано зајакнување на капацитетите на институциите, Народната банка го јакне системот за справување со фалсификуваните пари. Имајќи предвид дека јавните службеници, вршејќи ја својата должност, секојдневно доаѓаат во контакт со книжни и ковани пари и се првата бариера во заштитата на интегритетот на парите, нивното обучување за воочување сомнителни примероци, за нивно отстранување и за доставување до Народната банка е суштинско во борбата против фалсификатите.
Оттаму, во Народната банка, во рамките на соработката со Царинската управа, обучувачи од Дирекцијата за трезорско работење одржаа обука за царинските работници за препознавање сомнителни пари и за справување со нив.
– Како препорака од твининг-проектот „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“, Народната банка започна да организира обуки за претставници од институциите вклучени во системот за справување со фалсификување пари, односно од Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Јавното обвинителство и од Финансиската полиција. Исто така, редовно се организираат задолжителни обуки за запознавање со заштитните елементи на домашните и на странските валути за вработените во банките и центрите за готовина. Само минатата година низ обуките поминаа повеќе од 200 професионалци – велат од Народната банка.
Народната банка инаку е единствената овластена институција за утврдување на автентичноста на книжните и кованите денари и странски валути. Во изминатиот период, засилено се врши и размена на податоци со националните и меѓународните институции за спроведување техничка анализа и откривање фалсификувани пари.
Експертите од Народната банка за брзо воочување на сомнителните примероци на пари во оптек, во текот на 2023 година обучија над 200 вработени од деловните банки и центрите за готовина, но и вработени во институциите во системот за справување со фалсификувањето пари.
Најважната алка во синџирот на справување со фалсификувањето на парите се лицата коишто вршејќи ја својата професионална дејност, секојдневно доаѓаат во контакт со книжни и ковани пари и се првата бариера во заштитата на интегритетот на парите. Оттука, со зајакнувањето на капацитетите на сите засегнати ракувачи со готовина се обезбедува брзо воочување на сомнителните примероци, нивно отстранување од оптек и доставување во Народната банка.