УТРЕ ПОЧНУВА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА
Утре започнува грејната сезона 2024/2025 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, управуван од АД ЕСМ. Но, парно греење нема да имаат осум училишта во општина Карпош. Токму на барање на општината, испораката на топлинска енергија ќе започне од 1 ноември за сите основни општински училишта што ги користат услугите на: ЕСМ Снабдување со топлина“, а тоа се: „Братство“, „Јан Амос Коменски“, „Димо Хаџи Димов“, „Владо Тасевски“, „Војдан Чернодрински“, „Христијан Тодоровски Карпош“, „Лазо Трповски“ и „Петар Поп Арсов“.
Од Општина Карпош велат дека првично побарале грејната сезона да започне на 1 ноември, но со последната одлука бараат да започне на 21 октомври.
– Причината за одложувањето на грејната сезона е дека температурите не се доволно ниски, но и долгот што Владата го има кон ЕСМ за греењето од минатата година. На овој начин општината сака да потсети дека треба да се подмири долгот, па да се почне со новата грејна сезона, со цел да се заштеди – велат од општината.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вчера во изјава пред новинарите истакна дека долгот е 8.303.839 денари.
– Општината лани плати над 6 милиони денари. Министерството за образование и наука преку блок-дотации е должно да го плати долгот. Се јавив во министерството, но оттаму ми одговорија дека немаат ниту денар и оти треба да се снаоѓам како знам и умеам – истакна Јакимовски.
Тој праша како Владата имаше пари за 35 милиони евра за недовршениот споменик на Мајка Тереза.
– Владата да се тргне од популизмот и да го реши ова. Ова е нејзина обврска – нагласи Јакимовски.
Согласно со податоците во Центарот за грижа на потрошувачи, во 117 објекти сè уште не се обезбедени потребните услови за испорака на топлинска енергија, од кои 25 објекти имаат прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 23 објекти, екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица и 69 објекти се оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење поради дефект во внатрешната инсталација на објектот.
– Потрошувачите и заедниците на сопственици се замолуваат што побрзо да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации и да обезбедат непречен пристап до топлинските станици, како и континуирано напојување со електрична енергија. Ова вклучува плаќање на сметките за електрична енергија за топлинските станици и одржување на функционална електрична инсталација. Потрошувачите можат да проверат дали нивниот објект е на листата на моментално затворени објекти кои немаат услови за испорака на топлинска енергија. Соработката на потрошувачите и заедниците на сопственици е од клучно значење за навремена и квалитетна испорака на топлинската енергија, и во интерес на сите засегнати страни. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02/3076-200 и 075- 400-100.
Иако грејната сезона во Македонија започнува на 15 октомври, дали радијаторите ќе бидат топли тој ден или не, зависи од временските услови. Со оглед на тоа што секоја година се разговара за цените на парното кои постојано растат, на северот на Европа, поточно во Шведска нашле начини како да заштедат во потрошувачката на енергија и во сметките.
Тамошното градско централно греење, кое покрива околу 90% од зградите во урбаните средини и комбинираните централи за производство на електрична енергија и топлина, како кај нас Те-То, користат отпадна топлина од индустријата со тоа намалувајќи ја употребата на фосилни горива и емисиите на ЦО2. На пример, речиси 90% од топлината во овие системи доаѓа од обновливи извори или рециклирана топлина. Ваков начин на греење користат 55% од домаќинствата и комерцијалните објекти.
Ист о така, повеќето системи на централно греење користат биомаса (отпад од дрво, пелети) или биогас, што ги намалува емисиите на јаглерод диоксид. Овие обновливи извори на енергија го прават системот за греење одржлив и еколошки.
Шведска е лидер во употребата на геотермални топлински пумпи. Овие пумпи користат топлина од земјата, која е константна во текот на целата година, за загревање на просторот и водата. Геотермалните пумпи користат многу малку електрична енергија и можат да произведат три до четири пати повеќе топлина отколку што е потребно за нивната работа.
Исто така, многу шведски куќи имаат системи за вентилација за обновување на топлина, кои го обновуваат најголемиот дел од топлината од издувниот воздух. Швеѓаните користат паметни термостати што овозможуваат далечинска контрола на температурата и програми кои го намалуваат греењето кога никој не е дома или ноќе кога е потребна пониска температура. Се прават и заштеди ако наместо да се загрее цела куќа, честопати се греат само просториите што се користат во моментот.