Зелката, која некогаш се сметаше за еден од најдостапните и најупотребуваните зеленчуци во македонската кујна, денес е вистински луксуз на пазарите.
Цените се движат од 60 до 70 денари за килограм, а ако посакате да си купите пролетна зелка, цената може да достигне и до 80 денари за килограм.
Тоа предизвика лавина од негодувања меѓу купувачите, особено пензионерите, кои се најпогодени од овој тренд.
Пензионерите револтирани од високите цени
„Ова е веќе претеризам. Секогаш сум си ја купувал зелката наесен за да ја ставам за зимница, ама оваа година е многу тешко да се одделат толку пари. Имам 16.000 денари пензија, а од тие пари морам да издвојам за сметки, лекови и за сè друго. Од каде да најдам толку пари за зелка? Мора да најдеме алтернатива, ама веќе ништо не е евтино“, вели Борис Димовски, пензионер од Влае.
Истиот гнев го дели и Љубица Крстевска, пензионерка од Маџари.
„Никогаш во животот не сум видела зелка да чини 70 денари за килограм. Секоја година ставаме зимница, но ова веќе е нереално. Што да правиме ние старите? Сакаме да си направиме расолница за празници, но изгледа оваа година ќе треба да се откажеме од таа традиција – рече Љубица.
Зелката како симбол на економската криза
Ситуацијата на пазарите не е нова. Цените на речиси сите земјоделски производи драстично пораснаа, а зелката, како една од клучните состојки во македонската исхрана, стана симбол на тековната економска криза.
Повеќето домаќинства, особено пензионерите и семејствата со низок приход, веќе почнуваат да ја ограничуваат количината на зеленчук што го купуваат.
Еден од пазарџиите од Бит Пазар потврди дека интересот за купување зелка е намален.
„Луѓето се жалат. Некои доаѓаат, го гледаат производот и се враќаат назад. Не можат да си дозволат да платат толку многу, а и ние не можеме да продаваме по пониски цени – трошоците за одгледување се зголемија. Ќе видиме што ќе се случи, но изгледа зимата ќе биде тешка за сите“, изјави тој.
Кој ја диктира цената на зелката?
Според експертите, високите цени на зелката и другите земјоделски производи се резултат на неколку фактори.
Променливите климатски услови, зголемените трошоци за гориво и струја, како и зголемените трошоци за производство и транспорт, придонесуваат за овој скок во цените.
Иако постои надеж дека ситуацијата ќе се стабилизира, повеќето се сомневаат дека цените ќе се вратат на старото ниво.
Додека некои купувачи веќе бараат алтернативи, други само може да се надеваат дека ќе има некаква форма на субвенции или владин потег кој ќе помогне во намалување на цените на основните производи како зелката.
Засега, зелката останува производ кој не е достапен за секого, иако некогаш беше неизбежен дел од секоја македонска трпеза.