Скопје е интересен, но Охрид е број еден кога е во прашање одбирање на дестинација, која ќе се посети во Македонија, од страна на српските туристи, изјави директорката на Туристичката организација на Србија, Марија Лабовиќ, на настан што се одржа во Скопје, на кој присуствуваа туроператори, хотелиери и 8 локални туристички организации.
Таа потенцираше дека македонскиот пазар е значаен и нагласи дека македонските туристи се седми по бројот на остварени ноќевања во Србија, а петти по потрошувачка и тие проценти растат секоја година.
Минатата година имавме над 260 илјади ноќевања, што е за 22% повеќе од претходната година. Овој тренд продолжи и годинава и имаме за 10% повеќе остварени ноќевање од туристи од Македонија, во споредба со минатата година – рече Лабовиќ.
Македонските туристи во Србија најмногу ги посетуваат планинските центри, но и бањите, како и неколку градови.
– Нашите планински центри се многу атрактивни, на прво место Копаоник, но и Златибор. Од градовите секако Белград, потоа нашите бањи, Соко Бања, Врњачка…, Ниш, еднодневните посети во југот на Србија, Врање, Лесковац… Туристите од Северна Македонија сакаат да го посетата и нашето културно-историско наследство, да уживаат во нашите природни убавини, активниот одмор, но и во гастрономијата – додаде Лабовиќ.
Бројките на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот говорат за забележителен раст на српски туристи за 19% во 2023 година, споредбено со 2019 година, како и раст на остварени ноќевања на српски туристи и тоа за 37% во 2023 година, споредбено со 2019 година.
Извор: vecer.press