Властите на Венеција одлучија од 18 април 2025 година да ги зголемат цените на еднодневните патувања, па туристите кои во последен момент ќе одлучат да го посетат овој италијански град ќе треба да платат 10 евра за влез.
Ќе се зголеми и бројот на денови во кои треба да се плати сумата од 10 евра. Оваа одлука ќе се применува од секој петок до недела и за време на празници од 18 април до 27 јули 2025 година, односно вкупно 54 дена по сезона.
Овогодишната сезона опфаќа вкупно 29 дена, а туристите треба да платат пет евра за влез и обиколка на градот.
Одлуката не се однесува на туристите кои престојуваат во хотелите во Венеција бидејќи веќе плаќаат туристичка такса, а нема да важи за жителите, посетителите родени во Венеција, студентите и работниците. Дополнително, важно е да се нагласи дека оние туристи кои ќе направат резервација најмалку четири дена пред пристигнувањето, ќе плаќаат сума од пет евра.
Градоначалникот Луиџи Бруњаро истакна дека целта на таксата е да ѝ помогне на градот, но и на граѓаните во борбата против прекумерниот туризам и да се избегне голем прилив на посетители за време на викенди и празници.
- Венеција е првиот град во светот кој се обидува да го реши проблемот со прекумерниот туризам. Постигнавме добри резултати - рече градоначалникот.
По завршувањето на овогодишната сезона, владата соопшти дека на овој начин успеале да соберат повеќе од два милиони евра, но жителите не беа задоволни. Многумина сметаат дека наплатувањето на билетите не ги спречува масовните посети на туристите и дека парите не се насочени кон решавање на проблемите со кои се соочуваат жителите.
Годинава, Владата донесе одлука за бројот на лица во туристичките групи да биде најмногу 25. Тие забранија и користење на звучници за водичите да не го вознемируваат локалното население.