Европската комисија дефинитивно одлучи да воведе компензациски царини на увозот на батериските електрични возила произведени во Кина во период од пет години.
Истрагата на извршното тело на Европската унија утврдила дека произведувачите на електрични автомобили во Кина имаат неправедна предност поради државното субвенционирање, а на штета на европските произведувачи.
Покрај постојните царински стапки од 10 отсто, од четвртокот се воведуваат дополнителни царини во опсегот од 7,8 отсто до 35,3 отсто. Притоа, на американскиот производител на електрични автомобили „Tesla“ произведени во Кина, дополнителната царина ќе изнесува 7,8 отсто, а за кинеските произведувачи – BYD, Geely и SAIC – 17, 18,8 и 35,3 отсто.
Дополнителната царинска стапка од 35,3 отсто ќе важи и за сите други произведувачи во Кина коишто не сакале да соработуваат во истрагата, а за компаниите кои учествувале ќе изнесува 20,7 отсто.
Европската комисија најавува дека паралелно ќе продолжи да работи со Кина на изнаоѓањето алтернативни решенија компатибилни со прописите на Светската трговска организација (СТО – WTO), коишто би биле ефикасни во решавањето на проблемите утврдени со истрагата. Исто така, останува отворена за преговори за ценовните обврски со поединечните извозници, што е дозволено според прописите на Европската унија и на СТО.
Одлуката за дефинитивното воведување дополнителни царини за кинеските произведувачи е донесена откако на почетокот од октомври предлогот не го доби потребното просто мнозинство, односно гласовите од најмалку 15 земји членки во коишто живеат најмалку 65 отсто од жителите на ЕУ.
За предлогот на ЕК биле десет земји членки, дванаесет биле воздржани а пет против, вклучително и Германија каде што стравуваат дека кинеската одмазда би можела да ја загрози тамошната автомобилска индустрија која е значаен двигател на нејзината економија. А имајќи предвид дека немало квалификувано мнозинство ниту „за“, ниту „против“ предлогот, извршното тело на ЕУ може самостојно да ја донесе одлуката којашто ќе се спроведува.
Истрагата покажала дека кинеските производители имаат бројни погодности: повластено финансирање и неповратни средства, земјишта за погони, батерии и суровини по цени пониски од пазарните.
Имајќи предвид дека САД и Канада воведоа царини од 100 отсто на кинеските електрични возила, а производствените капацитети на кинеските произведувачи се двојно поголеми од пазарот во ЕУ, постои оправдано стравување дека европскиот пазар би биле преплавен со поевтините кинески електрични возила.
Извор: netpress.com.mk