Македонија е на работ на сериозна криза во снабдувањето со квалификувана работна сила, со особено тешки последици за градежништвото и занаетчиството.
Од ден на ден, земјата губи клучни мајстори како водоинсталатери, гипсари, плочкари, фасадери, електричари и други специјализирани занаетчии, кои се решаваат на миграција во странство, привлечени од подобри услови за работа и повисоки приходи. Оваа ситуација остави големи празнини, додека побарувачката за нивните услуги во земјата забележливо расте.
Недостигот на квалификувани работници ги погодува не само приватните лица кои имаат потреба од професионална помош при извршување на реновирања и поправки, туку и градежните компании, кои се соочуваат со зголемени трошоци и значително одложување на проектите.
Компаниите мораат да инвестираат многу повеќе средства и време за да најдат квалификуван кадар, а често и да го увезуваат од соседните земји.
Според пoследните податоци, бројот на мајстори се намалил за речиси 20% во последните три години, што се одразува негативно врз секторите кои се зависни од овие услуги.
Експертите истакнуваат дека миграцијата на мајсторите е природен резултат на постојните општествени и економски услови.
„Овие професионалци се барани низ цела Европа и логично е дека тие ќе се одлучат за места каде што ќе имаат повисоки плати, подобри услови за работа и сигурност за нивните семејства. Главната причина поради која мигрираат не е само платата, туку и нивната можност да имаат стабилност и перспектива за развој“, објаснуваат познавачите.
Според нив, една од најголемите слабости на македонскиот пазар на труд е несоодветното образование и обука на младите во овие области, кои претходно беа популарни и добро ценети.
„Наместо да ги мотивираме младите луѓе да влезат во занаетчиството, ние како општество им покажуваме дека успехот е само во високото образование, што е крајно погрешно размислување“, додаваат експертите.
Доколку оваа тенденција на одлив на квалификувани мајстори продолжи, Македонија ќе се соочи со уште поголеми предизвици, а проектите ќе останат незавршени или ќе се реализираат со пониски стандарди.
Компаниите сѐ повеќе се насочуваат кон странски работници, особено од соседните земји, за да ги пополнат празнините, но тоа значи и дополнителни трошоци за работните дозволи, сместување и други административни процедури.
Дополнително, недостигот од мајстори има влијание и врз цените на услугите. Сѐ почести се примерите на семејства кои се подготвени да платат високи суми само за да добијат квалитетен занаетчија во краток рок, а тоа доведува до уште поголемо ценовно оптоварување врз населението.