Богатството на Илон Маск се зголеми за 25 отсто во текот на ноември, благодарение на растот на акциите на Tesla и вредноста на неговиот стартап со вештачка интелигенција. Така, богатството на Маск за прв пат по две години надминува 300 милијарди долари.
Акциите на Tesla постигнаа голем раст по претседателските избори во САД минатиот месец, според Форбс.
Маск го држи првото место на листата на најбогати од мај, а само ја зголеми својата предност за повеќе од 100 милијарди долари. Форбс проценува дека неговото богатство накратко достигна рекордни 334 милијарди долари на 22 ноември. Според проценките на Форбс, на 1 декември Маск бил „тежок“ 330 милијарди долари, што е за 66 милијарди повеќе од пред еден месец.
Ноември беше одличен месец и за неколку други членови на листата на десетте најбогати луѓе во светот. Втор на листата, Лери Елисон е вториот и најголем победник. Во текот на ноември тој стана побогат за 22 милијарди долари поради зголемувањето на вредноста на акциите на Oracle. Сега богатството на Елисон е 227 милијарди долари. Основачот и претседател на Амазон, Џеф Безос е на третото место, а неговото богатство се зголеми за 19 милијарди долари на 223 милијарди долари, бидејќи акциите на Амазон пораснаа за 11 отсто.
Заедно, 10-те најбогати луѓе во светот имаат 1,81 трилиони долари, што е за 106 милијарди долари повеќе од пред еден месец.
Кој загуби најмногу?
Најголем губитник во оваа елитна групација е францускиот магнат на луксузните брендови Бернар Арно, чие богатство во текот на ноември падна за околу 9 милијарди на 160,3 милијарди долари. И покрај овој пад, Арно успеа да го задржи своето место како петти најбогат човек на светот. Акциите на неговиот конгломерат LVMH паднаа за околу 6 отсто во ноември, а за 20 отсто во последните шест месеци поради послабата продажба во Кина.
Бил Гејтс, кој долги години ја уживаше титулата најбогат човек на светот, на 1 октомври целосно испадна од листата на десетте најбогати луѓе. Тоа е прв пат од 1991 година на оваа листа да не се најде основачот на Мајкрософт. Богатството на Гејтс е значително намалено (тој моментално се наоѓа на 14-то место со богатство од околу 107 милијарди долари), меѓу другото, поради поделбата на имотот при неговиот развод со Мелинда Френч Гејтс.
Извор: denar.mk