Nokian Tyres го најавија следниот чекор во иновациите за пневматици – паметни гуми кои ќе се адаптираат на условите на патот. Очекувањата се дека првите вакви гуми ќе бидат достапни за купување до 2035 година.
Според компанијата, денес веќе постојат гуми опремени со сензори кои преку Bluetooth конективност споделуваат податоци за температурата и притисокот на воздухот. Потпретседателот за иновации, Теему Соини, објаснува дека технолошкиот напредок овозможил сензорите да функционираат низ целиот животен циклус на гумите, што претставува основа за понатамошни развојни проекти.
Овие иновации вклучуваат создавање гуми кои ќе можат динамички да се прилагодат на различни услови за возење. На пример, гумите ќе можат да ја изменат својата површина за да го оптимизираат управувањето, тракцијата и перформансите – било да возите на автопат или оф-роуд терени. Ова ќе им овозможи на возачите поголема удобност и безбедност, без потреба од замена на гумите.
Иако концептот изгледа футуристички, Nokian веруваат дека оваа технологија би можела да стане дел од секојдневието во наредните десет години. Теему Соини истакнува дека гумите кои ќе можат да ги менуваат своите жлебови би понудиле значително подобрување во ракувањето и адаптирањето на различни услови на патот. Nokian очекуваат дека до 2035 година ќе успеат да лансираат гума што ќе одговара на сите предизвици на патот.
Извор: kanal5.com.mk