Службата „Изгубено-најдено“ се наоѓа на булеварот „Александар Македонски“ во рамки на Дирекцијата на ЈСП „Скопје“ во населбата Автокоманда.
Од ЈСП „Скопје“ информираат дека најчесто се губат паричници, речиси сите се без пари, со документи, „Скопска“, лични карти, здравствени книшки, ранци, торби од пазар, клучеви… Порано се губеле и мобилни телефони. Последен пат, пријавен/доставен изгубен мобилен телефон е пред две години.
Процедура за пријавување
Ја посетивме службата и разговаравме со еден од вработените, кој ни ја објасни процедурата за пријавување изгубени предмети. З.Ш. во оваа служба работи веќе три години и е задоволен од својата работа.
Потврдата дека граѓаните навистина се информирани за оваа служба, непосредно по нашата посета, ни ја даде еден Скопјанец, кој дојде да пријави изгубена персонализирана картичка од својата ќерка.
Телефонскиот број за пријавување е 02/3122-634 и функционира секој работен ден, од 7.30 до 15.30 часот. Откако граѓаните ќе пријават на телефонскиот број, оставаат податоци (име и презиме, ден, време, линија на изгубеното), број за контакт и наведуваат што изгубиле. Доколку предметот се пронајде, граѓаните се информираат. Потоа тие треба да дојдат во службата „Изгубено-најдено“ и да го покренат предметот.
Секој возач, по враќање на автобусот во гаража, го проверува возилото дали има нешто заборавено или изгубено, а најденото го доставува до Службата. И чесен патник, доколку најде нешто може да пријави и достави до Службата.
Службата, пак, доколку кај изгубените предмети има број/начин за контакт, комуницира со лицето/сопственик на предметот и му го враќа. Изгубените или заборавени предмети се чуваат во службата.
– Откако граѓаните ќе се јават на телефонскиот број, пријавуваат што изгубиле во автобус, мобилни, чанти, лични карти…Ние ги запишуваме во тетратка, земаме нивни податоци и контакт телефон. На пример, кога ќе дојде изгубена лична карта кај нас, веднаш проверуваме, ја наоѓаме и се јавуваме кај граѓанинот да дојде и да ја покрене. Граѓаните знаат за службата и често се јавуваат, пријавуваат и прашуваат. Граѓаните се задоволни и ние колку што можеме ги услужуваме, вели нашиот соговорник.
Додаде дека немаат кавги или недоразбирања со граѓаните. Вообичаено, како што рече, граѓаните ни се јавуваат по телефон и ни изразуваат благодарност.
Тој ни посочи дека во текот на новогодишните и божикните празници граѓаните кај нив повеќе пријавувале изгубени предмети, отоколку што ги носеле.
Од ЈСП „Скопје“ апелираат граѓаните додека се возат во автобусите да внимаават на своите лични предмети. Да бидат совесни и доколку пронајдат некој предмет или документ во автобусите да го пријават/достават во Службата „Изгубено-најдено“.
извор: skopjeinfo.mk