Ноемвриската плата не ја примиле 69.754 граѓани, затоа што нивните работодавачи – 20.739 на број, не ја исполниле обврската, до 16 декември да извршат исплата на месечните примања и да ги уплатат придонесите. Се работи за 13 отсто од вработените и за 29 проценти од работодавачите. Затоа, од Управата за јавни приходи се задоволни од однесувањето и степенот на одговорност прикажан од даночните обврзници.
Обврска да исплатат исплатат плати и социјални придонеси за единаесеттиот месец од годинава имале 70.650 работодавачи, кои ангажираат 552.030 лица.
Податоците од УЈП покажуваат дека во законскиот рок до 16 декември, 49.911 или 71% од работодавачите ја исполниле обврската и исплатиле бруто плати и социјални придонеси за 482.276 од вработените лица. Оттаму, за високи 87 проценти од вработените во државата социјалните придонеси се уплатени навремено.
„Овој резултат покажува одговорност и посветеност на работодавачите со цел исполнување на даночните обврски на време, што има директен позитивен ефект и врз социјалната сигурност на работниците“, велат од Управата.
Исто така, солидна е состојбата и во однос на ДДВ за ноември. Се посочува дека 98,7 отсто од регистрираните месечни ДДВ обврзници навремено ги поднеле даночните пријави. Конкретно, од 7.284 даночни обврзници, 4.025 пријавиле даночен долг за ДДВ и имале обврска да уплатат 3.399.369.827 денари или над 55 милиони евра. Поголемиот дел од сите нив – 2.811 (70%) го запазиле рокот за плаќање, а уплатата изнесува 2.652.711.966 денари (43,1 милион евра). Тоа претставува 78 проценти од вкупно пријавениот долг.
„Во текот на декември даночните обврзници успешно ја исполнија својата обврска за плаќање на данокот на личен доход, социјалните придонеси и ДДВ, што е одраз на одговорни даночни обврзници и усогласеност со законските обврски“, наведуваат од УЈП.
Од друга страна, за оние кои не ги намириле даночните обврски, од Управата укажуваат дека редовно постапуваат согласно законски овластувања. Тоа подразбира казни за неподнесена даночна пријава и присилна наплата на неплатениот даночен долг.
Извор: pari.com.mk