Грција објави планови за воведување апликација која треба да го подобри надзорот на родителите над мобилните телефони на нивните деца, преку дигитална проверка на староста и контроли за пребарување на интернет.
Министерот за дигитално управување Деметрис Папастергиу рече дека апликацијата „Детски паричник“, која треба да биде лансирана во март, има за цел да ги заштити децата под 15 години од ризиците од прекумерна и несоодветна употреба на интернет.
Апликацијата ќе биде поврзана со платформата за е-услуги и ќе функционира заедно со постоечката апликација која возрасните ја користат за дигитална идентификација на документи.
„Тоа е голема промена“, рече Папастергиу на прес-конференција, додавајќи дека апликацијата ќе интегрира напредни алгоритми за следење на користењето на интернетот и дека ќе применува строги процеси за автентикација.
„Апликацијата 'Детски паричник' ќе прави две главни работи - ќе ја олесни родителската контрола и ќе биде нашата официјална национална алатка за проверка на возраста на корисниците“, рече тој.
Истражувањето кое месецов го објави грчката истражувачка организација КМОП покажа дека 76.6% од децата на возраст меѓу 9 и 12 години имаат пристап до интернет преку лични уреди, 58.6% користат социјални мрежи секојдневно, а 22.8% наишле на несоодветна содржина.
Папастергиу рече дека владата се надева дека апликацијата за деца ќе биде инсталирана на паметните телефони што се продаваат во Грција до крајот на 2025 година.
Извор: Радио Слободна Европа