Сите домаќинства кои добиле сметки за електрична енергија и имаат за прв пат фактурирана потрошувачка во четврт блок, ЕВН Хоме е должен да ги корегира сметките за електрична енергија и да направи соодветна распределба по блокови
Потрошувачите кои се незадоволни од пресметката на потрошената енергија и износот на сметката, (согласно член 37 од Законот за енергетика, Правилата за снабдување со електрична енергија и Правилата за постапување на приговори и разрешување на спорови, потрошувачите за секоја фактура), имаат право да поднесат приговор до универзалниот снабдувач ЕВН Хоме. Ако потрошувачот не е задоволен од добиениот одговор или не добијат одговор во законски предвидениот рок (од 8 дена), имаат право да поднесат приговор до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) како второстепен орган, информираат денеска оттаму.
„Согласно тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач, сите домаќинства кои добиле сметки за електрична енергија и имаат за прв пат фактурирана потрошувачка во четврт блок, ЕВН Хоме е должен да ги корегира сметките за електрична енергија и да направи соодветна распределба по блокови согласно историјатот на просечната потрошувачка на домаќинството во последните 3 пресметковни периоди“, наведено е во соопштението на РКЕ.
Приговорот може да се достави во архивата на РКЕ или електронски по е-маил на erc@erc.org.mk и potrosuvaci@erc.org.mk. За приговорот до РКЕ нема пропишано посебен формулар и кон истиот треба да приложат: копија од вложениот приговор до ЕВН Хоме, одговорот од ЕВН Хоме и копија од сметката по која приговараат.
Против решенијата на РКЕ незадоволната странка може да поведе Управен спор.
Од 1 јануари 2025 година цената на струјата за просечна потрошувачка во сите четири блокови е зголемена за помалку од еден процент (0,92 отсто). Конкретно во прв блок цената е зголемена за 0,68 отсто, додека во втор блок цената е зголемена за 0,90 отсто.