Хрватските хотелиери од крајот на минатата година ја почнаа потрагата на околу 30 илјади сезонски работници од Славонија, Далмација, Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Србија, кои им се потребни за годинашната туристичка сезона. Најголемите хрватски хотелски компании, во желбата навреме да обезбедат стручен кадар, како што се готвачи, келнери и слаткари, нудат поголеми плати од 10 до 20 отсто, а со ова на сезонците им се нудат и бесплатно сместување и храна.
Минатата година на хрватскиот пазар на труд имаше недостиг од готвачи, помошници на готвачи, келнери, собарки, рецепционери, трговци, хигиеничари и други работници за приготвување и служење храна. Во овој период беа потребни 23.652 сезонски работници, а биле вработени помалку. За 2019 година процените се дека ќе бидат потребни десет илјади сезонци повеќе, бидејќи годинава се завршуваат големите инвестиции во туризмот.
Владата на Република Хрватска утврди годишна квота за вработување странци, која за 2019-та изнесува 65.100 дозволи, а за сезонската работа во туризмот и угостителството се предвидени пет илјади дозволи. Квотата за новите вработувања на странци за годинава во областа на туризмот и угостителството изнесува 10.611 дозволи, што значи дека на хрватските хотелиери и угостители им се потребни околу 15 илјади работници од странство.
Извор: Нова Македонија