
Речиси 300 пабови во Британија се затвориле во 2024 година, и изгубени се околу 4.500 работни места, објави здружението за индустрија на пабови BBPA. Последната рунда ја служеа 289 пабови во Англија и Велс минатата година, пресмета Британската асоцијација за пиво и пабови (BBPA).
До крајот на декември тие процениле дека 412 пабови ги затвориле вратите. Од почетокот на 2020 година и почетокот на кризата со коронавирус, Британија остана без нешто повеќе од две илјади пабови. Најмногу биле затворени во Лондон минатата година, вкупно 34, покажаа конечните податоци. Во декември, BBPA процени дека 55 од нив го ставиле клучот во бравата.
Сопствениците ги затвораа пабовите под притисок на повисоките трошоци за задолжување и високите сметки за енергија. Проблем беше и послабата побарувачка, велат од здружението, посочувајќи дека граѓаните повеќе штедат поради повисоките трошоци за хипотека и кирии.
Во април, пабовите ќе бидат погодени и од нови, повисоки придонеси за здравствено осигурување и зголемена минимална плата, а BBPA проценува дека буџетските одредби на владата ќе ги чинат 650 милиони фунти или 781 милион евра, пренесува Хина.
Многу компании ќе се соочат со уште повисоки трошоци од април, и затоа што даночните олеснувања во секторите угостителство, одмор и малопродажба ќе се намалат од 75 на 40 проценти. Владата, според ова здружение, треба да го промени и данокот на имот за бизнисите во центрите на градовите, вклучително и кафеаните, за да го олесни товарот на секторот.