
Луксембург е една од најмалите земји во Европа, но не дозволувајте првиот впечаток да ве измами – на мала површина се кријат бројни интересни факти и атракции. Оваа земја е единствена на многу начини.
За почеток, официјалното име на Луксембург е Големото Војводство Луксембург, што значи дека Луксембург има голем војвода. Во моментов, оваа титула ја носи Анри, кој стапи на престолот по абдикацијата на неговиот татко во 2000 година.
Официјалното мото на земјата, „mir wëlle bleiwe wat mir sinn“, во превод значи „сакаме да останеме тоа што сме“ и многу зборува за Луксембург. Оваа реченица е показател за бурното минато на земјата, како и нејзината желба да остане независна. Имено, низ историјата големите европски сили постојано си ја „разменувале“ – била под француска, шпанска, австриска власт, а потоа повторно под Французите.
Со текот на времето, територијата на Луксембург значително се намалила – од некогашните 10.700 квадратни километри на денешните 2.586 км². Сепак, иако мала, Луксембург не е најмалата држава во Европа – помали се Ватикан, Монако, Сан Марино, Лихтенштајн, Малта и Андора.
Луксембург е познатa како исклучително безбедна земја. Во 2019 година ја доби титулата за најбезбедна земја во светот, а во целата држава има само 2.800 полицајци и три затвори. Покрај тоа, Луксембург е една од најбогатите земји во светот и постојано се наоѓа на врвот на листите за животен стандард. Според податоците од 2023 година, оваа држава ја има највисоката минимална плата во светот – 2.571 евра месечно.
Огромното влијание на Луксембург во Европа
Иако е мала по територија, Луксембург има големо влијание на меѓународната сцена. Заедно со Белгија и Холандија ја формираше царинската унија Бенелукс, а исто така беше една од основачите на Европската економска заедница (денешната Европска Унија) и НАТО. Шенгенскиот договор е потпишан во селото Шенген во Луксембург, а главниот град двапати бил прогласен за Европска престолнина на културата – единствениот град со ваков статус досега. Луксембург е и седиште на Европскиот суд.
Главниот град, Луксембург, е основан во 963 година, со изградбата на замокот Лусилинбурхук. Се претпоставува дека во римско време на истата локација постоела тврдина. Она што е особено специфично за градот е разгранетиот одбранбен систем на подземни тунели и казамати, кои се под заштита на УНЕСКО како светско наследство. Поради својот силен одбранбен систем, градот некогаш бил нарекуван „Гибралтар на северот“.
Три службени јазици и 70 замоци
Откако казаматите ја изгубиле својата одбранбена функција, биле користени за различни цели – како одгледувалишта за печурки, концертни сали, засолништа, па дури и подруми за складирање шампањ. Денес, тие се врвна туристичка атракција. Сепак, оригиналниот замок од кој потекнува градот не е единствениот – во Луксембург има најмалку 70 замоци.
Луксембург има три службени јазици: луксембуршки, француски и германски. На пример, законите се пишуваат на француски, парламентот дебатира на луксембуршки, а во предучилишното образование се учи луксембуршки, додека францускиот и германскиот се воведуваат во основното училиште.
Оваа држава е најмоторизираната во Европската Унија – има 681 автомобил на 1.000 жители. Истовремено, Луксембург е и првата земја во светот што воведе бесплатен јавен превоз за сите жители и посетители, освен за првата класа, каде што билетите се наплатуваат.
Извор: bizlife.rs