
Убавите села низ Македонија ќе го привлечат секој љубител на природата, а истите се доказ дека нашата држава ги има сите услови за успешен селски туризам.
Фејсбук групата Патувања низ Македонија ги прикажува најстарите села во Македонија.
Како што забележувала историјата, колку се стари нашите села и каде првпат се споменуваат?
Хронологија на селата според нивното прво споменување - од IX век, па натаму...
Во областа Дримкол – Вевчани се споменува во Калимановата грамота од IX век во кој се говори за Вевчани како селска населба, мошне развиена и економски јака и обврзана да дава данок во натура на бугарскиот кнез Борис I, а по него и на царот Симеон Велики.
Во Кочанската Котлина – најстарото село кое се споменува е Мородвис. На местото каде што денес се наоѓа селото Мородвис, во средновековниот период постоел градот Мороздвизд, Форомиздос, Форомендис, Моробиздон – различни форми на записи за една иста населба. Од формирањето во 969 односно 976 година, до згаснувањето во 1018 година, на Самуиловата држава, градот Мороздвизд, се наоѓал во нејзин состав. За време во нејзиното постоење израснал во значаен воен и духовен град, кој важел за центар на Брегалничката област.
Во Злетовската Област – најстарото село е Злетово кое за првпат се споменува во 1019 година, кога византискиот цар Василиј II, во една своја повелба ја одредил дијацезата на тогашната Мородвиска епископија.
Во Радовишкото Поле – Најстарото село е Конче кое за првпат се споменува во 1019 година во записите на византискиот император Василиј II. Селото било дел од Струмичката епархија на Охридската архиепископија.
Во Река – Најстарите сознанија за настанувањето на селото Галичник датираат од крајот на X и почетокот на XI век. Тоа се смета за едно од најстарите села во мијачкиот предел. Првиот период на настанувањето селото е карактеризиран со мешање на влашки семејства со Македонци – Мијаци.
Во Струмичкото Поле – Едно од најстарите села во овој регион е селото Вељуса кое се формира неколку години по изградбата на познатиот манастир „Пресвета на Богородица Елеуса (Милостива)“ во 1080 година, од каде селото го добило и своето денешно име.
Во Преспа – едно од најстарите села во оваа област е селото Курбиново, каде што се наоѓа средновековната црква „Свети Ѓорѓи“. Според историските записи, таа била живописана во 1191 година.
Во Горни Полог - Селото Горна Бањица се споменува околу XI век од византискиот цар Роман II кој го подарил на манастирот „Свети Ѓорѓи“ кај Скопје, а тоа го потврдиле бугарскиот владетел Константин Асен во 1265 година и српскиот цар Милутин во 1300 година во нивните грамоти.
Во Скопското Поле – Најстари пишани податоци постојат за селото Таор кои потекнуваат од 1227 година каде се споменува под името Тавор, под кое се среќава и во XIV и XVI век. Потеклото на името доаѓа од името на античката дарданска населба Ταωρησιον кое се зачувало до денес како Таор. Името Taur, Tauresion, Turisione предримско именување кое доаѓа од античкиот збор taura што значи рид, брдо, што соодветствува на местоположбата на селото сместено на рид над Вардар на влезот во клисурата.
Во Азот (Бабуна) – едно од најстарите села во околината на Бабуна е селото Бистрица за што сведочи еден историски пишан документ кој датира помеѓу 1258 и 1277 година, каде што се наведува селото „Бистрица во Бабуна“. Селото Бистрица во пишаните историски документи повторно се споменува во 1300 година кога царот Милутин го потврдил како посед на познатиот манастир „Свети Ѓорѓи“ кај Скопје.
Во Средорек – Во 1313 година се споменува селото Старо Нагоричане каде што е изграден манастир на местото на денешната црква „Свети Ѓорѓи“, којашто пак, се смета дека била изградена уште во XI век.
Во Долни Полог – Најстарата населба е селото Лешок, за кое се смета дека е настанато во времето на изградбата на црквата посветена на „Свети Атанасие“, за кој се смета дека е изграден во периодот меѓу 1315 и 1348 година, или малку подоцна, бидејќи се претпоставува дека живописот датира од 1340/45 година.
Во Прилепското Поле, селото Бела Црква за првпат се споменува во 1335 година, кога царот Стефан Душан го приложил селото на манастирот Трескавец. Според овој историски запис Бела Црква е едно од најстарите села во Пелагонија.
И листата е долга...