
Забрзано се работи на автопатот Кичево - Охрид. Од она што може да се забележи на терен е дека се поставува заштитна ограда и се исцртува хоризонталната сигнализација. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Николоски, најави дека дел од автопатот Кичево - Охрид, на кој се чека повеќе од деценија, ќе биде пуштен пред ова лето.
Оваа делница опфаќа делот од селото Врбјани до Охрид, со еден пресек кај селото Ботун, каде што има проблеми со косините. Автопатот е долг 57 километри и истиот ќе овозможи побезбедно и побрзо патување меѓу Кичево и Охрид, намалувајќи го времето на возење за повеќе од половина. Со целосното завршување, кое се очекува до крајот на 2025 година, Македонија ќе добие модерна сообраќајна инфраструктура, која ќе биде од клучно значење за туризмот и економскиот развој на регионот.
Инаку во моментов на автопатот Охрид - Кичево на потегот од селото Ново Село до Арбиново се поставуваат еластични огради и се исцртува хорзонтална сообраќајна сигнализација на новиот асфалт. На делницата се работи скоро во цела нејзина должина почнувајќи од Подмоље, потоа кај Требеништа и низ цела територија на општина Дебрца, како и на тунелите и мостовите на територијта на општина Кичево.
Проектот, кој започна во 2014 година, се соочи со бројни предизвици, вклучително геотехнички проблеми, дополнителни градежни работи и финансиски зголемувања. Првично предвидената инвестиција од 374 милиони евра се зголеми на околу 598 милиони евра, а крајниот рок за завршување неколкупати беше пролонгиран, од Министерството за транспорт и врски уверуваат дека оваа сума нема дополнително да се менува, и покрај пролонгирањето на роковите.